НБА-ѕвездите испратија порака за правда и еднаквост при продолжувањето на сезоната

50

Сите кошаркари носеа маици со натписот „црните животи значат“ и клечеа на едно колено во текот на изведувањето на националната химна на САД пред почетокот на мечевите во Орландо, со кои ноќеска продолжи сезоната во НБА-лигата по четиримесечна пауза. Натпреварувањето беше прекинато на 11 март поради избивањето на заразата на коронавирус.

На играчите на Њу Орлеанс пеликанс и на Јута џез во нивниот гест им се придружија и тренерите на двата тима и судиите, а по нив истото го сторија и двата ривали од Лос Анџелес, лејкерс и клиперс, пред почетокот на нивниот натпревар во Орландо, каде што ќе се доигра сезоната.

Дел од кошаркарите ги заменија презимињата на дресовите со пораки во знак на поддршка на движењето за општествена правда. Меѓу пораките се истакнуваа „еднаквост“, „јас сум човек“, „кажете го нејзиното име“…

Комесарот на НБА-лигата Адам Силвер истакна дека нема да бара од кошаркарите да стојат за време на химната.

Јута џез славеше во дуелот со Њу Орлеанс пеликанс 106-104. Џордан Кларксон забележа 23 поени за Јута, додека кај пеликанс најефикасни беа Брендон Инграм со 23 и Џеј Џеј Редик со 21 поен.

Градското дерби на Лос Анџелес беше решено во последните 100 секунди и заврши со триумф на Лејкерс 103-101. Пол Џорџ погоди две тројки за 101-101, а конечниот резултат го постави Леброн Џејмс.

Ентони Дејвис ги предводеше „езерџиите“ со 34 поени и осум скока, Џејмс забележа 16 поени, 11 скокови и седум асистенции, а кај клиперс се истакнаа Пол Џорџ со 30 и Каваи Ленард со 28 поени.