На патот кон ЕП стојат некогашни европски прваци и еден стар познајник

147

Македонија ќе игра во групата Б со Италија, Русија и со Естонија во квалификациите за ЕП 2021, каде што ќе се пласираат двете најдобри од оваа група, плус Италија, која е еден од четирите домаќини на шампионатот

Првпат Италија, одново Русија и Естонија ѝ се противниците на Македонија во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во кошарка во 2021 година, реши вчерашната ждрепка во Минхен. На континенталното првенство ќе се пласираат најдобрите две репрезентации, како и Италија, која ќе игра во квалификациите, но има загарантирано место на ЕП, бидејќи е еден од четирите домаќини на шампионатот (уште и Чешка, Грузија и Германија).

Така, Македонија во групата Б треба во групата да биде подобра барем од една репрезентација, Русија или Естонија, за шести пат да заигра на ЕП.
Македонија досега не се сретнала со Италија, која во историјата има две европски титули (1983 и 1999 година) и повеќе сребра и бронзи од европски и олимписки првенства. Црвено-жолтите со Русија играа во мечот за бронзениот медал на Европското првенство во Литванија во 2011 година, кога Македонија го освои четвртото место (72-68 за Русија), што е најголем успех на македонската кошарка. Русија е европски првак од 2007 година, освојувач на сребра од ЕП (1993) и од светските првенства (1994, 1998) и бронзи од ЕП (1997, 2011) и од олимписки игри (2012). На ЕП 2017 Русија беше четврта, а Италија седма.

Естонија, пак, ѝ беше противник на Македонија во квалификациите за Светското првенство годинава во Кина, во првиот претквалификациски дел. Во август 2017 година Македонија дома загуби со 76-80, а потоа и на гости со 65-74. Во групата Естонија беше прва, пред Македонија и пред Косово, замина во вториот квалификациски циклус во групата со Грција, Израел и со Велика Британија, потоа и во третиот, каде што беше запрена на патот кон Мундијалот во групата во која беа вклучени и Германија, Србија и Грузија.

Вкупно во тие два квалификациски циклуса Естонија забележа четири победи и тоа дома над Србија со 71-70, на свој терен над Израел со 78-62, на гости над Грузија со 84-77 и дома над Велика Британија со 73-70.

Македонија играше со Естонија во квалификациите за пласман на првото ЕП по осамостојувањето, за првенството во 1993 година, на турнирот во Полска, кога славеше Естонија со 74-60. Македонија оствари по една победа и пораз во квалификациите за ЕП 2007, дома славеше со 95-50, а на гости загуби со 66-72. Двете репрезентации се сретнаа во квалификациите за ЕП пред десет години и тогаш Македонија двапати победи, дома со 87-75, а на гости со 90-78. Вкупно седум средби, три победи за Македонија, која во првото коло игра токму со Естонија, дома.
Првиот квалификациски прозорец е предвиден за февруари в година, вториот во ноември истата година, а третиот во февруари 2021 година. Вкупно има осум групи со по четири репрезентации. На ЕП ќе играат 24 селекции.