Мидлтон е на еден кош до клубот 50/40/90, но…

61

Во најквалитетната кошаркарска НБА-лига се водат многу статистички категории, а меѓу нив е и т.н. клуб 50/40/90 (реализација на 50 отсто од игра, 40 отсто за тројки и 90 отсто од слободни фрлања во текот на една сезона). Досега во овој клуб успеале да влезат само осуммина кошаркари. Тоа се НБА-ѕвездите Лари Бирд, Стефен Кари, Кевин Дурант, Реџи Милер, Стив Неш, Дирк Новицки, Марк Прајс и Малком Брогдон. Од нив само четворица имаа шутерски просек поголем од 20 поени. На Кари, Новицки и на Дурант тоа им успеало по еднаш, а двапати на Бирд.
Ако сегашнава сезона, која е во прекин поради коронавирусот, продолжи, во овој клуб може да влезе и кошаркарот на Милвоки, Крис Мидлтон. Но ако не продолжи, тогаш за членство во овој клуб ќе му недостига само еден кош.
Во моментот на прекин на сезоната, Мидлтон има просек од 21,2 поен, 41,8 отсто за три поени, 90,8 отсто од линијата за слободни фрлања, а „само“ 49,9 отсто од игра. Мидлтон од игра погодил вкупно 424 од 850 шута, што значи би бил на 50 отсто, ако по 65-те одиграни средби, низ обрачот минеше барем уште една топка повеќе. Мидлтон во НБА-лигата е од 2012 година, а со сегашниот клуб моментно е прв во Источната конференција со скор 53-12.