Македонската кошарка чекори во посакуваниот правец

285

Кадетите направија одличен резултат и нѐ израдуваа сите, а МКФ пред 2,5 години го почна проектот „Заедно до М16“, токму со оваа генерација 2002. Тоа е проект под капата на ФИБА, кој продолжува и за генерациите 2003/2004 и значи поголемо дружење и заеднички тренинзи цела година. Сениорите создадоа одлична тимска атмосфера, оваа селекција не била толку комплетна уште од самиот почеток на последните квалификации за ЕП, а немавме во поискусно издание неколкумина кошаркари, како и одличниот центар Хендрикс, вели Петар Наумоски, претседателот на МКФ

Македонската репрезентативна кошарка годинава е мошне активна, беше дел од три европски првенства (ЕП) во три различни возрасни категории, а сениорите по успешниот прв претквалификациски прозорец и двете победи во рамките на вториот претквалификациски прозорец за пласман на ЕП 2021, се на добар пат да се вратат таму, каде што им е и местото, во семејството на најквалитетните европски селекции.
Проектот „Заедно до М16“ даде видливи резултати. Кадетите се пласираа во дивизијата А, a предничеа репрезентативците до 16 години, предводени од селекторот Александар Јованчев, кои го освоија третото место на ЕП во БиХ, дивизија Б, со што се пласираа во дивизија А. Претседателот на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Петар Наумоски, е задоволен од оствареното, но и со своја визија за тоа како да се работи понатаму.

– Кадетите направија одличен резултат и нѐ израдуваа сите, меѓутоа овој состав на раководството на МКФ пред 2,5 години го почна проектот „Заедно до М16“, токму со оваа генерација кошаркари родени во 2002 година. Тоа е проект под капата на ФИБА, за кој се изборивме и со помош на Кошаркарската федерација на Турција и тогашниот директор Заре Марковски, кој имаше голема улога за сaмиот почеток и изборот на тренерот, и кој продолжува и за генерациите 2003/2004. А, тој проект значи поголемо дружење и заеднички тренинзи на овие деца во текот на целата година, исполнети со многу натпревари и патувања на разни турнири во и надвор од Македонија, со што се овозможува повеќе заедничка работа, поголем број квалитетни тренинзи помеѓу приближен квалитет на избрани деца, како и одлична хемија помеѓу сите инволвирани во тимот. Ние само го дополнивме овој проект со зголемено време на дружење, тренинзи и натпревари, па така и целиот тој вложен труд ни донесе успех – вели Наумоски.

По четвртото место на ЕП 2011, за сениорите следуваа уште два настапа на ЕП, а потоа и нереализиран пласман на ЕП 2017, по што Македонија сега игра два претквалификациски циклуса за да стигне до квалификациите за ЕП 2021. И вториот претквалификациски прозорец почна успешно со две победи од исто толку меча. Совладани се Косово на гости (76-73) и Романија во Скопје (90-76).

– Сениорите конечно создадоа одлична тимска атмосфера и го надминаа сопственото его, па се ставија во служба на националниот интерес и успех. Тоа е она што најмногу ме радува, меѓутоа тука е и уште еден битен момент, а тоа е податокот што репрезентацијата не била толку комплетна уште од самиот почеток на последните европски квалификации, кога се повреди Дамјан Стојановски во почетните минути од првиот квалификациски меч во Лондон, а Бојан Трајковски воопшто не беше во составот. Ги немавме во поискусно издание ниту Љубомир Младеновски, Бобан Стајиќ, Стојан Ѓуровски и неколку други играчи, како ниту одличниот центар Ричард Хендрикс, кој во последните пет меча влезе им во срцата на сите љубители на овој спорт, не само со неговата игра на теренот, туку и надвор од него. Ова се многу поинакви податоци, кои се реални и во целост ја менуваат сликата на сениорската репрезентација што, пак, нѐ прави сите посреќни. Битно е во овој цел меѓупериод да ги приближиме помладите играчи, како што се Младеновски, Адем Мекиќ, Стајиќ и другите, до оние што се носители во овој миг и со тоа да го подготвиме составот за полесна промена на генерацијата – вели Наумоски.

Задоволен од постигнатото е и Бране Андриевски, координаторот на сите македонски младински селекции.

– За разлика од минатото, последниве 2-3 години имаме добри услови за работа и тоа резултира со позитивни резултати. По повеќе од 10 години, ова се најдобрите резултати, кои ги постигнавме во младинските селекции, така што сега сме веднаш зад водечките селекции. Кадетите направија извонреден резултат, младинците до 20 години го подобрија пласманот за едно место од последното ЕП и завршија како 12-ти. Од јуниорите до 18 години очекував поголем дострел, меѓу првите 10, но не треба да заборавиме дека за 17-годишниот македонскиот крилен центар Даниел Здравевски, кој настапува во Германија, не успеавме да ги средиме потребните документи за да игра за Македонија, но се надевам дека в година ќе успееме во таа намера. Проблеми се јавија и со одредени играчи – вели Андриевски.


Андриевски: Проектoт М16 продолжува

Еден од проблемите е што многу наши млади кошаркарски таленти предвреме заминуваат надвор од Македонија. Ние сме мала држава и немаме многу кошаркарски таленти, па сето ова да остане незабележано. А ако сакаме и понатаму да чекориме успешно, ќе мора клубовите да обратат поголемо внимание на работата со кошаркарите, а добивањето спортската сала за кошарка ќе придонесе квалитетно да се работи преку цела година. Почнатиот „Проект М16“ продолжува, рече Бране Андриевски, координаторот на сите македонски младинските селекции.


Сала, па спроведување на планот за суперработа со младите 12 месеци во годината

Ја очекуваме одобрената сала од страна на Агенцијата за млади и спорт и од Владата на Република Македонија, за веднаш потоа да го спроведеме нашиот план за суперработа со младите селекции. Тој план е во форма на тим-репрезентација, каде што избраните деца ќе тренираат заедно 12 месеци, двапати дневно со професионален и со кондициски тренер и со нутриционист и до сѐ што е потребно за вистински развој на младите кошаркари, кои сакаат вистински да ги бранат боите на националниот тим, вели Петар Наумоски, претседателот на МКФ.