Македонија чека противници за пласман на ЕП 2021

82

Денеска со ждрепка ќе бидат формирани осум групи со по четири репрезентации, од кои на ЕП 2021 ќе се пласираат по три најдобри селекции од секоја група

Словенија, Грција, Хрватска и Русија се можните противници од еден од најсилните барабани на македонската кошаркарска репрезентација во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2021 година. За денеска од 12.15 часот е закажана ждрепката во Минхен, на групите од квалификациите, до кои Македонија стигна играјќи во два претквалификациски циклуса.

Европскиот оддел на Светската кошаркарска федерација (ФИБА-Европа) одреди осум барабани за полудиригираната ждрепка, според која Македонија, која е во шестиот барабан, за противници може да добие селекции само од барабаните два, три и седум.
Во третиот се репрезентациите на Италија, Летонија, Турција и Украина, а во седмиот се Естонија, Бугарија, Шведска и Австрија. Според истиот систем, во иста група ќе бидат влечени репрезентациите од првиот, петтиот, седмиот и од осмиот барабан. Составот на барабаните е направен според пласманот на ранг-листата на ФИБА од февруари годинава, кога Македонија беше на 42-то место.

Домаќини на континенталниот шампионат ќе бидат Италија, Германија, Чешка и Грузија и според правилата на оваа полудиригирана ждрепка нема да може да бидат извлечени два домаќина во иста група. На ЕП 2021 ќе се пласираат по три селекции од секоја од осумте групи, вклучувајќи ги тука и домаќините.

Македонија досега играше на пет европски првенства, а најголемиот успех го оствари во 2011 година на шампионатот во Литванија, кога го освои четвртото место. Потоа црвено-жолтите играа и на првенствата во 2013 и во 2015 година, не се пласираа на ЕП 2017, а сега се во трка за нов настап на европските првенства.


БАРАБАНИ ЗА ГРУПАТА НА МАКЕДОНИЈА
ВТОР: Словенија, Грција, Хрватска, Русија
ТРЕТ: Италија, Летонија, Турција, Украина
ШЕСТИ: Македонија, Унгарија, БиХ, Холандија
СЕДМИ: Естонија, Бугарија, Шведска, Австрија