Македонија загуби од Романија, но се пласираше во квалификациите за ЕП 2021

228

Македонската машка кошаркарска репрезентација се пласираше во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2021 година, откако попладнево во Плоешти и покрај поразот од 53-65 го освои првото место во групата Б, во рамките на вториот претквалификациски прозорец. Избраниците на селекторот Јорданчо Давитков загубија со 13 поени разлика, но на Романија и требаше победа од 14 коша разлика и в недела на гости да го совлада Косово.

Во слаб натпревар со многу осцилации, македонските кошаркари ја добија само првата делница од првото полувреме со 16-15, додека останатите три ги загубија со 13-19, 10-12 и 14-19. Првиот евро-квалификациски прозорец ќе започне во ноември.

– Го остваривме тоа што го планиравме, се пласиравме во квалификациите, но мораме да работиме подобро и повеќе. Не сум среќен со начинот на кој игравме, но среќен сум поради успехот кој генерално го остваривме. Игравме добро во одбраната, но ужасно во нападот. Мечот беше исклучително значаен за двете репрезентации и затоа играта на двете страни беше таква каква што беше. Мислам дека во второто полувреме го сменивме начинот на игра во одбраната и ги спречивме противничките кошаркари да реализираат повеќе поени – рече по натпреварот македонскиот селектор Јорданчо Давитков.

Дамјан Стојановски со 13 и Војдан Стојановски со 12 поени беа најдобри кај Македонија, додека кај Романија, Емануел Каце со 12 поени и Роланд Торок со 12 поени.

Г.И.