Македонија се доближи на две победи до ЕП 2021

389
Квалификациите за ЕП 2021 ќе се играат од ноември

По два претквалификациски циклуса, во кои беа освоени првите места, Македонија од есен ќе игра во квалификациите за ЕП 2021, во кои може и две победи да бидат доволни за пласман на Евробаскетот и за враќање на големата сцена, по пауза од шест години

Македонската машка кошаркарска репрезентација шести пат ќе игра во квалификациите за едно европско првенство (ЕП), овој пат за ЕП 2021. Тоа е епилогот по успешно поминатите два претквалификациски циклуса, кои, пак, беа верификувани со дуелот во четвртокот на гости против Романија и покрај поразот во Плоешти со 53-65. Предноста од 14 поени од првиот дуел во Скопје, сепак, се покажа недостижна за Романците, во меѓусебниот двомеч во групата Б. Така, во случај тие да го победат Косово в недела во последниот меч од групата, Македонија ќе остане прва во групата Б.

Пласманот на главните квалификации претставува успех за македонската машка репрезентативна кошарка во настојувањето да се врати на вистинскиот пат, онаму каде што ѝ е местото. Квалификациите за ЕП 2021 ќе се играат од ноември. Ќе настапат 32 репрезентации, поделени во осум групи, а на Евробаскетот ќе се пласираат најдобрите три репрезентации од секоја од осумте групи. Теоретски, за пласман на ЕП 2021 може да бидат доволни две победи.

– Задоволен сум по завршувањето на овие два претквалификациски циклуса за ЕП, посебно ако се знае каде бевме пред 18 месеци. Ако некој тогаш ни понудеше ваков пласман на крајот, сигурно дека ќе потпишевме со две раце. Точно е дека последниот меч од Романија го загубивме со 12 поени разлика, дека одигравме без многу офанзивни скокови, без организација во нападот, односно со одредени пропусти на одредени позиции, но не треба да заборавиме дека во Скопје, Романците ги победивме со 14 разлика, што секако е успех и дека конечниот пласман не ни е подарен туку сами си го остваривме со само два пораза во двата циклуса. Да не зборувам дека имавме повредени и играчи, кои подолг период не тренирале, што секако се одразува врз целата замислена концепција на теренот – ни изјави Јорданчо Давитков, селекторот на македонската репрезентација, кој вели дека Македонија ќе биде во четвртиот барабан за ждрепката за квалификациските групи за ЕП 2021.

Тој во квалификациите за противник ја посакува Естонија, која завчера ја победи Србија, а во 2017 година двапати ја совлада Македонија, во претквалификациите за пласман на Светското првенство годинава.

А сѐ почна во ноември 2017 година, кога избраниците на селекторот Давитков ја почнаа мисијата на враќање во главните евроквалификации. По осум одиграни натпревари, на кои беа остварени шест победи и два пораза, односно по идентични три победи и еден пораз во секој квалификациски прозорец, црвено-жолтите го остварија предвидениот план. Сега можат да ги насочат мислите кон она што претстои – квалификациите за ЕП 2021.

Македонската репрезентација ѕвездените моменти ги имаше во 2011 година, кога го освои четвртото место на ЕП 2011 во Литванија, а во следната година играше во Венецуела во квалификациите за пласман на Летните олимписки игри во Лондон во 2012 година.

Давитков ја посакува Естонија за противник во квалификациите

Лечиќ: Патот не беше лесен, следува многу работа на репрезентативен и на клупски план

Патот до главните квалификации за ЕП 2021 не беше лесен, а посебно лошо беше одигран последниот меч против Романија на гости, на кој македонските кошаркари одиграа безидејно во нападот, без контри, слаба игра еден на еден, без адаптација на жестоката противничка одбрана и слично. Сето тоа покажува дека во иднина треба да се работи уште многу на репрезентативен план, а ако сакаме да имаме понатамошен успех, пред сѐ ќе треба да се почне со работа во сопствените клубови, да се создаде силно домашно првенство…, вели Лазар Лечиќ, македонската тренерска легенда. Г.И.


Квалификации – четири пати по два меча

Мечевите во квалификациите за пласман на кошаркарското Европското првенство (ЕП) во 2021 година Македонија ќе ги игра во четири термини со по две средби. Циклусот ќе почне со по еден меч во ноември и во декември годинава, продолжува со по два дуела во февруари и во терминот ноември/декември в година, како и уште два меча во февруари 2021 година.
Во квалификациите за пласман на ЕП 2021 досега се пласираа Македонија, Белгија, БиХ, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Финска, Франција, Грузија, Германија, Грција, Унгарија, Израел, Италија, Летонија, Литванија, Црна Гора, Холандија, Полска, Русија, Србија, Шпанија, Словенија, Турција и Украина.
Во овој циклус ќе играат уште шест селекции, од тоа две од вторите претквалификации (Данска, Шведска или Белорусија од групата А, како и Австрија или Велика Британија од групата Д), како и победниците на четирите групи од третиот циклус претквалификации, кои своите средби ќе ги играат во август годинава. Во тие трети претквалификации ќе настапат Албанија, Кипар, Данска, Исланд, Луксембург, Косово, Романија, Португалија, Словачка, Швајцарија, како и уште две селекции од вториот претквалификациски циклус.


ЕП 2021 уште нема домаќин(и)

Домаќинот на Европското првенство (ЕП) во кошарка во 2021 година уште не е одреден. Се зборува дека интерес има за две заеднички кандидатури, и тоа од Шпанија и од Италија, како и од Чешка, Полска, Германија и од Шведска. Со ЕП 2021 почнува новиот ритам на одржување на континенталните шампионати, на секои четири години. Откако се играат европски првенства, од 1935 година, тие се одржуваа секои две години, до 2017-та.
Поместување има и кај светските првенства, па тие од годинава ќе се играат секои четири години во непарните години (досега се играа во иста година со фудбалските мундијали, во парни години). Така, сега светските и европските првенства ќе се менуваат секои две години (како во фудбалот).