Македонија е подготвена за новиот предизвик во Талин

108
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Италија не игра во најсилниот состав, но никако не смееме да мислиме дека нема квалитет. Таа е и селекција со која можеме да пробаме да извадиме поволен резултат. Естонија, пак, ни е попознат ривал и со неа треба да играме со многу енергија во одбраната, а паметно во нападот, вели репрезентативецот Андреј Магдевски

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ВО 2022 ГОДИНА

Македонската кошаркарска репрезентација, предводена од селекторот Александар Тодоров, е подготвена пред двата мошне значајни натпревари на турнирот во Талин (Естонија), во вториот квалификациски прозорец за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2022 година што треба да се одржи во Италија, Германија, Чешка и во Грузија.
Денеска Македонија ќе ги одмери силите со фаворизираната, но подмладена селекција на Италија (од 15 часот), а в понеделник со репрезентацијата на домаќинот на турнирот, Естонија (19.30 ч.). Македонија досега играла со Италија за пласман на ЕП, во 1997 година, и двапати славеше Италија. Во групата Б е и Русија, а до крајот на квалификациите има уште по четири средби за секоја репрезентација.
– Првпат се соочуваме со ваква ситуација, па сигурно нема да биде лесно. Во Естонија дојдовме во многу изменет состав, но нема да се откажеме. Сигурно ќе бидеме потценети од страна на двете репрезентации и тоа мора да го искористиме. Италија не игра во најсилниот состав, но никако не смееме да мислиме дека нема квалитет. Таа е и селекција со која можеме да пробаме да извадиме поволен резултат. Естонија, пак, ни е попознат ривал и со неа треба да играме со многу енергија во одбраната, а паметно во нападот и да не „изгориме“ од желбата за победа, како што ни се случи во Скопје – вели репрезентативниот бек Андреј Магдевски, за интернет-страницата на Македонската кошаркарска федерација.

Иако беше најавено дека салата „Саку Сурхал“ ќе биде отворена за најмногу 250 гледачи, сепак, естонската влада се премисли и донесе одлука кошаркарските дуели од квалификациите за Европското првенство во 2022 година да се играат без публика. Естонската федерација објави дека во рок од седум работни дена ќе им ги врати парите на што купиле влезници за квалификациските мечеви.
Со оглед на тоа што Италија како еден од домаќините има обезбедено пласман на континенталниот шампионат во 2022 година, трката за другите две места од оваа група што носат пласман на ЕП ќе се води помеѓу репрезентациите на Русија, Естонија и на Македонија. По две кола на табелата во групата Б води Италија со четири бода, Русија и Естонија имаат по три, а Македонија два бода.

Ита­ли­ја е до­се­га на­ста­пи­ла на 12 летни олим­пи­ски игри и има осво­е­но две сре­бра (1980 и 2004 година), на де­вет свет­ски пр­венс­тва, но не се за­ки­ти­ла со ме­дал, а на европските првенства игра­ла 37 па­ти и има две зла­та (1983 и 1999 година) и по че­ти­ри сре­бра (1937, 1946, 1991 и 1997) и брон­зи (1971, 1975, 1985 и 2003).


ГРУПА Б

ДЕНЕСКА
Италија – Македонија 15 ч.
Естонија – Русија 19.30 ч.

ПОНЕДЕЛНИК
Русија – Италија 15 ч.
Естонија – Македонија 19.30 ч.

ТАБЕЛА
Италија 2 2 0 4
Естoниjа 2 1 1 3
Русија 2 1 1 3
Македонија 2 0 2 2