ЛА клиперс ќе градат сала за милијарда долари и ќе го менуваат името!

227

Изградбата на салата што ќе биде со капацитет од 18.500 места треба да започне по две години и да заврши до 2024-та

Лос Анџелес клиперс, вториот по популарност НБА-клуб во градот (по Лос Анџелес лејкерс), најави дека ќе гради нова сала во Инглвуд, југозападно од центарот на градот, која треба да биде завршена до 2024 година, до кога Клиперси ќе бидат „кираџии“ во „Стејплс-центарот“, каде што играат и Лејкерси, а го користат и други тимови.

– Луѓето честопати велат дека играме во салата на Лејкерси. Ние сакаме во иднина да играме во салата на Клиперси и работиме на тоа – вели Стив Балмер, газдата на клубот.
Изградбата на салата, која ќе биде со капацитет од 18.500 места, и на другите придружни објекти, како што се тренинг и трговскиот центар, треба да започне по две години и ќе чини над една милијарда долари.

Покрај изградбата на супермодерната сала, Стив Балмер, поранешен извршен директор на „Мајкрософт“ и еден од најбогатите луѓе во светот, најави и можна промена на тимското лого, на клупските бои, дури и на името, Клиперси.
Кога станува за прекарот „Клипер“ (вид трговска едрилица), во НБА-круговите тој се смета за еден од најлошите и датира од 1978 година, кога тимот од Бафало, од Источниот брег на САД, се пресели во Сан Диего. Во 1984-та Клиперси се преселија во Лос Анџелес и ја задржаа додавката.

Сега се чини доаѓа време за нов идентитет и нови додавки, за што веќе почнаа да паѓаат предлози. Што ќе излезе од сето тоа, останува да се види.
Во меѓувреме на спортски план се засилија со Кави Леонард, кој со Торонто репторс годинава стана НБА-првак и со Пол Џорџ, кој дојде од Оклахома тандер.