Лазар Лечиќ е феномен што еднаш се раѓа во кошарката

785
Од свечената академија во х. „Александар Палас“ Фото: Маја Јаневска-Илиева

По повод 80-от роденден на македонската кошаркарска легенда и еден од најдобрите тренери во историјата, Лазар Лечиќ, вчера во Скопје се одржа свечена академија, која ги собра речиси сите истакнати кошаркарски легенди од поранешна Југославија

Фактот што сите поранешни кошаркарски ѕвезди и тренери од поранешна СФР Југославија, кои можеа да дојдат, се во Скопје, доволно говори, кој е всушност Лазар Лечиќ и што направи тој за кошарката. Од него научив многу тајни во оваа игра, оти тој умееше од играчите од послабите екипи да го извлече максимумот во дуелите со далеку посилните. Лечиќ едноставно играше богата кошарка и секогаш имаше голема почит од мене, рече, меѓу другото, истакнатиот српски тренер Божидар Маљковиќ, денес претседател на Олимпискиот комитет на Србија, на вчерашниот прес во Скопје, по повод 80-от роденден на основоположникот на современата македонска кошарка, Лазар Лечиќ.

На прес-конференцијата, која се одржа во хотелот „Парк“, а во пресрет на свечената академија, која вчера попладне се одржа во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, присуствуваа голем број кошаркарски легенди од поранешна СФРЈ, кои евоцираа спомени и духовити случки за Лечиќ и зборуваа за големата трага што тој ја остави зад себе изминативе години. Меѓу нив беа прославените Иво Данеу, Мирко Новосел, Богдан Тањевиќ, Жељко Јерков, Рато Тврдиќ и други.

– Лазо е феномен што еднаш се раѓа во кошарката и кој постојано зборува за неа. Практично тој беше неуморен на ова поле иако ние како играчи, а посебно кога јас бев во Олимпија, едвај чекавме да се одмориме по тренинзите – со насмевка коментираше Словенецот, Иво Данеу, капитенот на златната генерација на СФРЈ од СП во Љубљана во 1970 година.

Свое мислење имаше и прославениот хрватски тренер Мирко Новосел, кому Лечиќ му беше помошник во репрезентацијата на СФРЈ на Балканското првенство во Солун.
– Пријателството со Лазо трае 45 години. Драго ми е што дојдов во Скопје, што се собравме по толку изминати години сите заедно од цела поранешна СФР. Наедно ова е добар начин да се видиме меѓу себе и да размениме по некое искуство, иако морам да признаам дека некои ликови и не ги препознав во прв момент. Сепак изминаа многу години – нагласи Новосел.

Благоја Георгиевски-Буштур, македонската кошаркарска легенда, беше краток во својот коментар.

– Што да кажам за Лечиќ! Фактот дека сите поранешни легенди дојдоа да му искажат почит, најдобро говори за неговата кошаркарска величина – рече Георгиевски.
Лечиќ, пак, возврати за големата чест што му беше укажана со присуството на многубројните кошаркарски тренерски и играчки легенди.

– Ви благодарам на сите за укажаната чест, од МОК, преку клубовите МЗТ Скопје и Работнички, до сите вас што дојдовте да бидете дел од оваа церемонија – порача Лечиќ, добивајќи громогласен аплауз од присутните на академијата.

Гости на вчерашната свечена академија, која беше придружена и со многу фотографии од времето на Лечиќ, беа и Никола Плеќаш, Жељко Јерков, Рато Тврдиќ, Дамир Шолман, Жарко Зечевиќ, Дино Раѓа, Слободан Суботиќ, Благоја Георгиевски, Петар Наумоски, Ратко Радовановиќ, Драган Ивковиќ, Драган Радосављевиќ, Среќко Јариќ, Панајотис Јанакис и многу други истакнати имиња, потоа и тренерите, Душан Ивковиќ, Братислав Ѓорѓевиќ, Богдан Тањевиќ и други.

Настанот го организираа Македонскиот олимписки комитет (МОК), Македонската кошаркарска федерација (МКФ), кошаркарските клубови Работнички и МЗТ Скопје, како и Агенцијата за млади и за спорт (АМС).


Добитник на наградата „8 септември“ за животно дело

Лазар Лечиќ (80) е добитник на државната награда „8 септември“ за животно дело во 2015 година во областа на спортот. Со Работнички стигнал до полуфиналето во Купот на победниците на куповите (КПК), каде што на гости загубил од милански Цинцано со 24 поени разлика, а во Скопје го победи со 19, период кога беше совладана и ЦСКА Москва, Олимпијакос… Со грчки Арис четирипати стигнал на завршниот фајналфор во Евролигата, а двапати триумфирал во грчкото првенство. Беше помошник-тренер во југословенската репрезентација, која освои златен медал на СП 1970 во Љубљана. Имаше големо влијание во освојувањето медали за СФРЈ на неколку големи турнири, ЕП, Медитерански игри, Балкански првенства. Ја предводеше Југославија на младинското ЕП во 1971 година.
Активен играч бил од 1957 до 1962, а тренер од 1962 до 2000 година. Во богатата тренерска кариера ги водел Работнички, Борац Чачак, Олимпија Љубљана, Војводина, МЗТ Скопје, грчки Арис, Никол Ферт.
За Лечиќ е снимен 11-минутен филм што ги следи неговите емоционални реакции и гестови на тренерската клупа. Тој е дел и од документарецот „14 гневни“, кој зборува за најдобрите тренери од просторите на поранешна Југославија.