Кочов: Ова е само еден триумф над Работнички

141

МЗТ Скопје го декласира на свој терен Работнички со 80-44 во првиот дуел од плејоф-финалето на Првенството на Македонија

Кошаркарите на МЗТ Скопје го добија првиот дуел во плејоф-финалето на годинашното Првенство на Македонија, откако го декласираа големиот ривал Работнички во СЦ „Борис Трајковски“, со плус 36 поени разлика (80-44)! На „штрковите“ им се потребни уште две победи за да стигнат до својата седма првенствена титула. За тоа како играше тимот од Градскиот парк, најдобро говори податокот што во второто полувреме постигнаа само 12 поени.

– Ваков пораз не сум доживеал. Без разлика како ќе заврши ова финале, ќе земам одмор од тренерската работа, а и така ми истекува договорот со Работнички. Може да останам со друга функција во Работнички, а може и не. Сега сум фокусиран на финалето иако не можам да разберам што ни се случи во првиот меч – изјави тренерот на Работнички, Марин Докузовски.

Дамјан Стојановски со 17 поени беше прв стрелец кај домаќините, а Андреј Магдевски постигна 13, додека Бобан Стајиќ со 12 и Марјан Јанески со 13 коша беа најпрецизни кај поразените.

– Не очекував ваков убедлива триумф, но ова е само еден триумф и ќе мора да го заборавиме, оти секој натпревар е приказна за себе. Наша цел е титулата уште од самиот почетокот, но има уште да се работи за да се стигне до неа – претпазлив е Ѓорѓи Кочов, тренерот на МЗТ Скопје.

Вториот меч се игра утре во СЦ „Борис Трајковски“, а домаќин е Работнички.