Кочов: Да се привлечат младите во кошарката

208
Ѓорѓи Кочов

Треба да сториме сѐ за да ја привлечеме денешната интернет-генерација деца да почнат да тренираат кошарка во салите. Мораме прво да работиме на нивната масовност, а дури потоа на нивниот квалитет, вели Ѓорѓи Кочов (35), дипломиран кошаркарски тренер, кормилар на новиот македонски првак МЗТ Скопје

Сите што сме инволвирани во кошарката треба да сториме сѐ за да ја привлечеме денешната интернет-генерација деца да почнат да тренираат кошарка во салите. Значи, мораме прво да работиме на нивната масовност, а дури потоа на нивниот квалитет, вели Ѓорѓи Кочов (35), дипломиран кошаркарски тренер, кормилар на новиот македонски првак МЗТ Скопје.
Кочов во 2014 година ја почна својата тренерска кариера во Вардар (категории до 18 и до 20 години), екипи што во две сезони освоија три златни медали. Во 2016-та беше назначен за помошник-тренер за македонскиот национален тим (до 16 години), потоа и за главен тренер на вардарци. Истата година беше избран за најдобар тренер во јуниорска конкуренција, а во 2017 година назначен за главен тренер на македонската репрезентација за кошаркари до 18 години. На 19 декември 2017-та, тој му стана помошник-тренер на Жељко Лукајиќ во МЗТ Скопје, а од 3 април 2018 година и главен тренер на „металците“, клуб со кој неодамна ја освои седмата клупска, инаку своја прва македонска првенствена титула.

– Изминатава сезона ја чувствувам како успешна и покрај тоа што го загубивме домашниот Куп и не успеавме за еден поен да влеземе во Првата јадранска лига. Покажавме квалитет со ист состав, освен Магдевски, Маслинко и Младеновски, кои во почетокот не играа поради повреди, но во полуфиналето и во финалето ги искористија своите шанси. Впрочем, последниве седум години не се случило МЗТ Скопје да ја почне и да ја заврши натпреварувачката сезона со ист состав. Точно е дека Купот и Јадранската лига претставуваат неуспех за нас, но не треба да се заборави дека тоа беше период од триесетина дена, кога одигравме дури 18 натпревари, а тоа, секако, се одрази врз свежината на екипата, а и против Работнички во Купот загубивме по три продолженија. Знаевме со каков квалитет располага Задар и дека посебно на гости игра добро, каде што имаше седум победи од осум средби, а тоа, за жал, го потврди и во Скопје. Целокупното годинашно постигнување се должи пред сѐ на добрите услови за работа, правилната селекција, чесното тренирање, карактерот што го покажаа кошаркарите на теренот… И тогаш кога загубивме две титули не се разочаравме, напротив, се затворавме во спортската сала и трениравме со уште пожестоко темпо. Тоа на крајот се исплатеше – рече Кочов.

Амбициозниот тренер ги најавува главите цели на клубот за следната година.
– Добрите резултати и производството на млади кошаркари ќе биде главниот приоритет во следната сезона. Но тоа, секако, нема да биде лесно, особено ако се знае дека тие две работи често и не одат заедно, оти резултатите го диктираат темпото. Еве и вториот наш тим влезе во Суперлигата, па така во следната сезона може да имаме две екипи – вели Кочов.


„Советите од Луковски многу ми помогнаа“

Со истакнатиот кошаркарски тренер и поранешен играч, Јанко Луковски се запознав сосема случајно, кога тој беше советник на сите македонски кошаркарски репрезентации, а јас активен кошаркар. Неговите совети многу ми помогнаа на сегашната тренерска функција. Тука, пред сѐ, мислам на неговото сфаќање на филозофијата на кошарката, потоа психички ме креваше по поразите и во настојувањата да продолжам да гледам напред, вели Ѓорѓи Кочов.


МЗТ Скопје го потврди настапот во АБА2-лигата

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром и следната сезона ќе биде дел од АБА2-лигата, откако управата на клубот реши да ја прифати поканата за настап во оваа конкуренција, која му следува како актуелен првак на Македонија.
– Ова ќе биде наша втора сезона во ова натпреварување, во која ќе дадеме сѐ од себе да отидеме чекор понапред од годинава, во однос на обезбедување место што би нѐ вратило во јадранската елита. Лигата лани се покажа квалитетна, со многу сериозни противници, што секако е идеално место за спортско усовршување, пред сѐ на младите таленти во нашиот состав. МЗТ Скопје минатата сезона играше во финалето од ова натпреварување – се вели меѓу другото во соопштението на МЗТ Скопје. Г.И.

[email protected]