Идентификувани сите жртви во хеликоптерската несреќа во Калифорнија

608

Во тешка хеликоптерска несреќа во неделата, во Калифорнија загина кошаркарската легенда Коби Брајант (41). Покрај него, животот го загубија и осум други лица. Несреќата се случила околу 9.47 минути по локално време. Една од жртвите е идинтификувана како 13-годишната Џиана, една од четирите ќерки на Коби Брајант.

Загинало уште едно девојче, Алиса, која била соиграч на Џиана во нивниот кошаркарски тим. Таа била во придружувана од нејзините родители, Џон Алтобели и Кери Алтобели. Џон имал 56 години и работел како тренер за бејзбол на колеџ во округот Оринџ. Тој и сопругата ја придружувале нивната ќерка на натпревар кој требало да се одигра напладне.

Ќерката на Брајант, Џијана и Алиса Алтобели заедно играле кошарка за академијата „Мамба“. Алтобели редовно патувал на натпреварите на неговата ќерка.

Подоцна се дозна дека меѓу загинатите е Кристина Маузер, кошаркарски тренер во приватно училиште во округот Оринџ.

– Децата и јас сме уништени. Ја загубивме нашата прекрасна сопруга и мајка. Молиме да ја почитувате нашата приватност. Благодарни сме за сите пораки за поддршка, многу ни значат во овие тешки моменти – напиша нејзиниот сопруг Мет на Фејсбук.

Според Си-би-ес Лос Анџелес, во хеликоптерската несреќа загинале и Сара Честер и нејзината ќерка Пејтон, а пилотот е идентификуван како Ара Зобајан.

Причината за несреќата на хеликоптерот сè уште се истражува. Но, она што е познато е дека на летот имало многу проблеми. Времето било лошо, скоро ништо не се гледало поради магла.

Пилотот често ја менувал висината и бил предупреден дека лета премногу ниско. Тој планирал да слета на аеродромот во Бурбенк, но кружел околу 15 минути, чекајќи дозвола за слетување заради лошото време и другите летала кои требало да слетаат на аеродромот.