За шампионот на АБА-лига нема гарантирано место во Евролига

75

Првите луѓе на најелитното европско кошаркарско натпреварување, Евролигата на состанокот во Минхен одлучи регионалната АБА-лига од 2020 година да не дава претставник, односно да не се продолжи договорот со лигата кој завршува следната сезона.

Евролигата ги додели лиценците за 2020 година – повтоно ќе има 18 клубови, а освен „сигурните“ учесници две лиценци одат за Баерн и Асвел (на две години), две лиценци за клубовите од Еврокупот, додека три екипи ќе влезат со „вајлд-карти“, а за АБА-лигата го нема гарантираното место.

Сепак, постои надеж дека клубовите од балканското натпреварување ќе може да добијат барем една од вајлд-картите, со што барем еден клуб од регионот би бил дел од елитата. Од АБА-лигата реагираа со соопштение во кое велат дека шампионот од лигата, сепак, ќе има повластена улога при влегувањето во Евролигата.

Македонија следната сезона ќе има еден претставник во втората лига на АБА, МЗТ Скопје Аеродром, откако „металците“ не успеаја да го поминат баражот за влез во првата АБА лига. Актуелен шампион во АБА лигата е Црвена звезда, која во 2019/20 ќе игра во Евролигата.