Естонците некомплетни пред турнирот во Перм

62
Јука Тојала

Во поширокиот список од 26 кошаркари ги нема повредените Вене (втор стрелец во естонската репрезентација во квалификациите за ЕП 2022) и Пасоја, а Криса го очекува настап во НЦЦА-лигата. Македонскиот селектор Тодоров списокот треба да го објави во почетокот на февруари

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2022

Финскиот селектор Јука Тојала, на еден месец пред одигрувањето на третиот и последен квалификациски турнир во групата Б, за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2022 година во Италија, Чешка, Грузија и во Германија, кој во февруари (од 18 до 22) треба да се одржи во „балонот“ во Перм (Русија), го соопшти поширокиот список со 26 играчи. Во изборот недостигаат тројца квалитетни кошаркари, повредените Сим-Сандер Вене и Мартин Пасоја, а Кер Криса го очекува настапот во НЦЦА-лигата следниот месец. Вене со просек од 18,5 поени по натпревар е втор стрелец во естонската репрезентација во квалификациите за ЕП 2022, зад Кристијан Куламае со 24.
Во ноември беа одложени средбите Италија – Македонија и Естонија – Македонија, поради позитивни случаи на ковид-19, така што на турнирот во февруари Македонија за пет дена треба да игра двапати со Италија, која веќе обезбеди пласман на ЕП, како една од домаќините на ЕП. Првиот дуел е на 18 февруари, еден ден пред официјалниот почеток на овој квалификациски турнир. Потоа следува дуелот со Русија, а по слободниот ден, повторно со Италија. На 22 февруари е, можеби, решавачкиот меч со Естонија. Според зборовите на македонскиот селектор Александар Тодоров, списокот на македонските кошаркари треба да биде објавен во почетокот на февруари.
Пред последниот турнир, на табелата води Италија со шест бода (од три меча), а потоа следуваат Русија со шест (четири средби), Естонија со четири (три) и Македонија со два (два меча) бода. Освен Италија, од оваа група на ЕП ќе се пласираат уште две репрезентации. 


ДВОЈКИ

Македонија – Италија 18.2
Македонија – Русија 19.2
Италија – Естонија 19.2
Македонија – Италија 21.2
Русија – Естонија 21.2
Македонија – Естонија 22.2