Дончиќ, како Бирд, Џонсон и Кид, понекогаш се досадува и треба да биде креативен

224

Не е вообичаено тренер како Рик Карлајл да го стави Лука Дончиќ во иста реченица со Лери Бирд, Меџик Џонсон и со Џејсон Кид, но дури и дисциплинираниот тренер како него знае дека кошаркар како Словенецот Дончиќ од Далас мора да има поголема слобода во многу ситуации на натпреварите, пишува шпанскиот весник „Марка“. Карлајл, зборувајќи за тоа што прави неговиот играч во втората година и влијанието што го има во НБА, анализира и некои од работите што би одвлекле внимание, како што се социјалните мрежи.

– Лука, како Бирд, Џонсон или Кид пред него, понекогаш се досадува ако сѐ е еднолично и треба да биде креативен за целосно да се разбие монотонијата. Важно е да разберете дека има време и место за сѐ. Клучно е никогаш да не ја загрозувате можноста да победите. Специјалните играчи како овој мора да добијат доверба – рече Карлајл.

Дончиќ има повеќе од три милиони следбеници на Инстаграм.
– Мрежите создаваат голем надворешен притисок врз играчи како Лука за да генерираат постојано моменти од мечевите. Навивачите сакаат да ги гледаат најдобрите моменти секој ден на своите мобилни телефони – вели тој.
На Дончиќ тој притисок му се допаѓа.
– Тоа е она што го правам, сакам да уживам во играта – вели Дончиќ.