Доминантна сезона на странците во НБА-лигата

111

Странските играчи во најквалитетната кошаркарска НБА-лига доминираа на прогласувањето на наградите за изминатата сезона. Гркот Јанис Антетокумпо е прогласен за најкорисен играч (МВП), а Лука Дончиќ од редовите на Далас маверикс е дебитант на сезоната.

Јанис дојде до титулата пред Џејмс Харден од Хјустон и Пол Џорџ од Оклахома. Гркот на крајот имаше 941 глас, Харден 776, Џорџ 356, додека Србинот Никола Јокиќ, кој е уште еден од плејадата странци кој имаше одлична сезона во најсилната лига на светот, и го освои четвртото место со 212 гласови.

Антетокумпо е само вториот кошаркар од Европа кој е прогласен за МВП во НБА-лигата, а пред него оваа престижна награда ја има освоено легендарниот Дирк Новицки од Германија. Гркот, чии родители имаат потекло од Нигерија, е едниствен кошаркар кој една година по освојувањето на титулата за играч кој највеќе напредувал, го освојува и највисокото индивидуално одличје во НБА. 

Словенецот Лука Дончиќ е прогласен за надобар новајлија во изминатата сезона, освојуваќи дури 98 од 100 можни гласови на жирито, убедливо пред најблискиот конкурент Треј Јанг од Атланта хокс.

Силниот удар врз Американците во НБА-лигата, покрај титулата која отиде во рацете на Торонто репторс од Канада, ги зададоа и другите индивидуални награди кои исто така завршија во рацете на играчите кои не се од САД.

Французинот Руди Гобер е прогласен за најдобар дефанзивец, а Камерунецот Паскал Сијакам за играч со најголем напредок во изминатата сезона. Честа на Американците ја одбранија Лу Вилијамс со наградата за најдобар шести играч и Мајк Буденхолзер, стратегот на Милвоки, како тренер на сезоната.

Од останатите награди, наградата за најдобар соиграч заврши во рацете на Мајк Конли, а наградата за животно дело отиде кај легендите Меџик Џонсон и Лери Бирд. Моментот на сезоната го имаше Дерик Роуз и неговите 50 поени против Јута, додека одличјето за најпожртвуван играч го доби Маркус Смарт од Бостон.