Димитријевиќ се пријави за драфтот во НБА

129

Плејмејкерот на шпанскиот Хувентуд може да биде првиот македонски кошаркар што преку т.н. драфт ќе заигра во НБА

Ненад Димитријевиќ (21 година, плејмејкер, 187 см), македонскиот кошаркар на шпанскиот прволигаш Хувентуд, се пријави на првичната листа за годинашниот избор (драфт) на нови кошаркари во НБА-лигата.

Тој е на листата меѓу педесетина играчи што не се од американските универзитети, а на која се, меѓу другите, кошаркари од двата тима што настапија во финалето на Јадранската лига, Гога Битадзе (19 години, 212 см) од Будуќност и Бориша Симаниќ (21 година, 213 см) од Црвена звезда.

Неофицијално, на листата се уште 12 кошаркари што настапуваат во првенството на Шпанија, деветмина во Франција, осуммина во Србија, по четворица во Литванија и во Германија, тројца во Бразил итн. Вкупно се пријавиле околу 190 кошаркари од целиот свет, на возраст од 19 до 22 години.

Драфтот треба да се одржи на 20 јуни во Њујорк, а, според информациите, до 29 мај кошаркарите треба да потврдат дали остануваат на листата пријавени.

Во минатото уште неколку други македонски кошаркари се пријавуваа на првичната листа за драфтот за НБА, како, на пример, Владо Илиевски и Предраг Самарџиски.
Перо Антиќ, пак, е единствениот македонски кошаркар што играл во најсилната лига во светот, како член на Атланта, за која настапуваше од 2013 до 2015 година.