Димитријевиќ е еден од двајцата најдобри млади кошаркари

143

Македонскиот кошаркар доби 16,7 отсто од гласовите во анкетата за Еврокупот, во која учествуваа генералните менаџери на тимовите, на крајот на првата групна фаза од сезоната. Во категоријата „Ѕвезди во подем“, најмногу гласови (20,8 отсто) доби Французинот Виктор Вембанјама од Нантер

АНКЕТА ПО ПРВИОТ ДЕЛ ОД СЕЗОНАТА ВО ЕВРОКУПОТ

Според годишното истражување на Евролигата за првиот регуларен дел од сезоната во Европкупот, кое го реализираат генералните менаџери на тимовите, на крајот на првата групна фаза од сезоната, македонскиот кошаркарски репрезентативец Ненад Димитријевиќ, од шпанскиот тим Хувентуд од Бадалона, е веднаш зад Французинот Виктор Вембанјама во категоријата „Ѕвезди во подем“, пренесе официјалната интернет-страница на Кошаркарската федерација на Македонија.
Генералните менаџери на тимовите што се дел од Еврокупот во овој момент сметаат дека Димитријевиќ e втор најдобар млад играч во ова натпреварување. Вембанјама од екипата на Нантер доби 20,8 отсто од гласовите во анкетата, а организаторот на играта на Хувентуд има 16,7 отсто.

Анкетираните сметаат дека екипата од Бадалона (25 отсто) е една од најинтересните за гледање, заедно со Виртус Болоња (37,5 отсто) и еден од најтешките ривали во Еврокупот, исто така, во тесна конкуренција со тимот од Болоња. Најдобар кошаркар е Милош Теодосиќ (Виртус Болоња), за кого гласале 41,7 отсто од анкетираните менаџери. Александар Ѓорѓевиќ од Виртус Болоња и Карлес Дуран од Хувентуд се двајцата најдобри тренери според анкетата.
Теодосиќ е и најдобриот додавач во ова натпреварување, крилото на белградски Партизан, Рашон Томас е најдобриот одбранбен играч, а, пак, Џамар Смит од Уникс e најдобриот шутер. Очекувањата на анкетираните се дека завршниот натпревар во оваа конкуренција сезонава ќе го играат екипите на Виртус Болоња (95,8 отсто) и Уникаха од Малага (45,8 отсто).