Дел и Соња Кари се поделија во навивањето за синовите!

124

Стеф Кари (46 поени) беше поуспешен од братот Сет во првиот меч од финалето во Западот; во кој Голден стејт го совлада Портланд со 116-94

Голден стејт вориорс забележа убедлива победа против Портланд трејлблејзерс, 116-94, во Оукланд, во првиот меч од финалето на Западната конференција во НБА-лигата.
Во „братската пресметка“, Стеф Кари (31) беше многу поуспешен од помладиот Сет Кари (28). За 35-те минути минати на паркетот, тој постигна 46 поени (9/15 тројки) за „воините“ во чии редови повторно го немаше повредениот Кевин Дурант. Сет Кари имаше епизодна улога во тимот на Портланд и за одиграните 19 минути постигна само три поени.

Стеф и Сет Кари се првите браќа во историјата на НБА што играат еден против друг во конференциско финале. Неодамна на олстар-дуелот во нивниот роден град, Шарлот, тие се натпреваруваа во шутирањето тројки, а поуспешен беше Стеф Кари.

Мечот, разбирливо, го следеа и родителите на Стеф и на Сет, Дел и Соња Кари, кои добија големо внимание во американските медиуми. Нивната главна дилема била за кого од синовите да навиваат. Дел Кари имал едноставен предлог, да фрлаат паричка (петка-глава), која решила на првиот меч тој да го носи дресот на Голден стејт, а Соња на Портланд. Со фрлањето паричка за тоа кој каков дрес ќе носи тие ќе продолжат пред секој натпревар!

Но тоа не им пречеше да аплаудираат на секој постигнат поен или добар потег на синовите на првиот меч.

– Обично не сум нервозен на мечевите на кои игра еден од синовите, но кога играат меѓу себе, сосема е поинаку. Не фаворизираме ниту еден, супер е што можеме да ги гледаме и да уживаме на натпреварите. Секако, би било прекрасно доколку Сет успее да го освои првиот шампионски прстен, бидејќи Стеф веќе има три – изјави Дел Кари (54), кој како играч мина 16 сезони во НБА, а моментално е ТВ-аналитичар за Шарлот хорнетс.

Дел и Соња Кари мечевите во Оукланд ќе ги следат со сопругата на Стеф, Ајша, а во Портланд со свршеницата на Стеф, Кајли Риверс. Минатиот месец тие постојано патуваа низ Америка, во Оукланд, Портланд, Лос Анџелес, Денвер и во Хјустон, следејќи дури 22 од 25-те натпревари на синовите, пропуштајќи ги само првите два натпревара на Портланд во Оклахома сити и еден во Денвер.

– Понекогаш се будиме во некој хотел и во првиот миг не знаеме во кој град сме. Напорно е, но и многу забавно. Веројатно кога сѐ ќе се заврши ќе спијам цела недела без прекин – вели Дел Кари.