Давитков: Сѐ зависи од нас

193

Македонија идната недела гостува кај Швајцарија, каде што со победа ќе се пласира во следната фаза од претквалификациите за кошаркарското ЕП 2021. Од минатите мечеви ќе нема тројца повредени, но во составот е натурализираниот Американец, Витингтон

Ќе се обидеме да ги вратиме кошаркарите во натпреварувачка форма, бидејќи тие различно завршуваа во своите првенства и ќе треба добро да се подготвиме за циклусот да го завршиме на првото место, рече селекторот на македонската репрезентација, Јорданчо Давитков на вчерашниот прв репрезентативен собир во Скопје, пред мечот со Швајцарија на 28 јуни, на гости, во претквалификациите за пласман на Европското првенство во 2021 година.
Составот ќе биде изменет, оти откажаа тројца повредени кошаркари, Дарко Соколов, Кирил Николовски и Андреј Маслинко. Според предвидениот план, во Скопје селекцијата треба да се остане до 27 јуни, а потоа се заминува за Фрибург. Селекторот за дуелот против Швајцарците ќе може да смета на Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Андреј Магдевски, Александар Костоски, Бобан Стајиќ, Димитар Караџовски, Стојан Ѓуроски, Адем Мекиќ, Бојан Трајковски, Александар Штерјов, Бојан Крстевски и новиот натурализиран Американец, Шејн Витингтон, кој од 2014 до 2016 година беше член на НБА-тимот на Индијана, а сега игра за Зенит од Русија.
– Нѐ очекува тежок дуел против солидна селекција, која сметам дека ќе настапи во истиот состав што играше и во Скопје. Свесен сум дека сите од нас очекуваат победа против Швајцарија, но ќе треба максимално да се ангажираме за да успееме во овој меч, уште повеќе што ова се случува кон крајот на натпреварувачката сезона. Сѐ зависи од нас – вели Давитков.
Последниот претквалификациски дуел со Швајцарците е мошне значаен за Македонија во настојувањето да се зачува првата позиција во групата што, пак, носи пласман во следната фаза од овие претквалификации со четвртопласираните селекции од групите Ц и Д од квалификациите за Светското првенство в година во Кина. Македонија засега има максимален ефект од три победи, а Швајцарија по една победа и пораз.