Давитков не најавува промени за мечот со Косово

83
Фото: Дарко Андоновски

Македонија ќе настапи во стандардниот состав. Наскоро, најверојатно до утре, ќе го соопштам составот на репрезентацијата, вели Давитков, македонскиот кошаркарски селектор

И во продолжението од квалификациите во вториот претквалификациски циклус, за мечот со селекцијата на Косово, кој ќе го играме пред нашата публика, не размислувам за некои големи играчки промени. Македонија ќе настапи во стандардниот состав. Но да не прејудицирам, оти уште се играат натпревари по лигите, така што не знам во каква состојба ќе бидат кошаркарите на кои сметам. Но, наскоро, најверојатно до утре, ќе го соопштам составот на репрезентацијата, вели Јорданчо Давитков, селекторот на репрезентацијата на Македонија.

Македонската репрезентација е на добар пат да ја отвори влезната врата за квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2021 година, и на тој начин да се врати таму каде што, впрочем, ѝ е местото. Избраниците на Давитков досега забележаа две победи во групата Б и тоа на гости против Косово (76-73) и дома против Романија (90-76), со што се први на табелата. По мечот со Косово, на 2 декември, ќе остане уште дуелот со Романија на гости во февруари в година.
Селекторот Давитков со краток коментар и за последните одлуки од неодамнешната седница на УО на МКФ за премии за репрезентативците.

– Климата во македонската репрезентација и досега е добра, но донесените одлуки, како и оваа со премиите, секако дека одат во прилог да се постигнуваат уште подобри резултати – вели македонскиот селектор.