Голден Стејт не е подобар без Дурент, но е позабавен за гледање

209
Дрејмонд Грин (со топката) оствари трипл-дабл во ноќешниот меч

Кошаркарите на Голден Стејт вориорс се на чекор од ново финале на НБА-лигата, откако победија со 110-99 во Портланд за да поведат со 3-0 во финалето на Западната конференција, иако Трејлблејзерс имаа и предност од 18 поени.

Актуелните шампиони одново покажаа дека се пресилни за Портланд, и без повредениот Кевин Дурент, па многумина љубители на кошарката изразија мислење дека Голден Стејт, дури, игра подобро без еден од најдобрите стрелци на денешницата.

– Таквото мислење е многу идиотско. Мислам дека нема ниту еден човек во клубот кој го мисли тоа. А јас со сигурност знам дека дури и идиотите што го велат тоа, не веруваат во сопствените зборови – кажа Дрејмонд Грин, изразувајќи незадоволство за размислувањето дека тимот е подобар без Дурент. Оние кои го делат ова мислење сметаат дека играта на „воините“ без Дурент е подинамична и со повеќе додавања.

Дел од американските познавачи на кошарката, пак, истакнуваат дека повеќе сакаат да го гледаат „стариот“ Голден Стејт (се мисли на тимот кој стана шампион без Дурент – н.з.), каде што во главна улога се двајцата шутери Стеф Кари и Клеј Томпсон, а Грин дели асистенции до соиграчите кои се уфрлаат во рекетот, што можеле да го видат во мечевите на кои не настапува одличниот крилен кошаркар.

Стеф Кари (лево) и Кевин Дурент

Портланд имаше одличен почеток и водство од 18 поени во втората четвртина, за на полувреме да отиде со предност од 66-53. Водството го оддржуваше до крајот на третата четвртина, кога почнува пресвртот на шампионот.

Стеф Кари повторно беше лидер на Вориорс со 36 поени, Дрејмонд Грин имаше трипл-дабл со 20 поени, 12 асистенции и 13 скока, додека Клеј Томпсон уфрли 19 поени. Кај домаќините, Си Џеј Меколум маше 23, Демиен Лилард 19, а Маерс Ленард 16 поени.