Гечевски: Македонија најдоцна до понеделник ќе добие нов селектор

148

Едно е сигурно, новиот селектор нема да биде странец, изјави спортскиот директор на КФМ, Тодор Гечевски

Македонската сениорска кошаркарска репрезентација најдоцна до понеделник ќе добие нов селектор. Во тек се последните консултации, разговори, преговори со повеќемина кандидати, поединечно, кои се водат од порано. Едно е сигурно, новиот селектор нема да биде странец, изјави спортскиот директор на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), Тодор Гечевски.

Македонската репрезентација во февруари треба да ги почне квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2021 година. Првите два меча се со Естонија дома и со Русија на гости, а во групата е уште и Италија. Квалификациите се играат во три фази, а првите три места во групата носат пласман на ЕП 2021. Поранешниот истакнат македонски кошаркар Гечевски има позитивен став по одлуката на македонската влада, КФМ и официјално да го добие на трајно користење СРЦ „Кале“.

– Тоа, секако, претставува голем чекор за нас како федерација, со што ни се овозможува во настојувањето да работиме пред сѐ со младите кошаркарски сили. Првиот чекор веќе ќе го направивме денеска претпладне, каде што токму во СРЦ „Кале“ ќе почне првиот од предвидените четири мини-баскет турнири во годината (категории од осум до 11 години – н.з.), а екипите нема да плаќаат котизација. Два од овие турнири ќе се одржат во Скопје, а по еден во источната односно западната зона заради популаризација на кошарката и на тие простори, а не само во Скопје. На крајот ќе има и еден финален турнир – вели Гечевски.

Гечевски оптимистички гледа и по неодамнешната ждрепка за ЕП 2020, каде што македонските младински репрезентации во машка и во женска конкуренција ги добија своите противници.

– Кадетите, кои ќе настапат во Скопје, добија силни ривали. Шпанија секогаш е во врвот, Израел нема силна сениорска, но затоа има квалитетни младински селекции, а италијанската кошаркарска школа е добро позната. Наша цел ќе биде токму пред нашата публика да останеме во дивизијата А, иако нема да биде лесно. Јуниорите до 18 години беа четврти на претходното ЕП и малку недостигаше да се пласираат во дивизијата А, па очекувам да бидат добри и на ова ЕП, оти е добра генерацијата. Но со добри подготовки на сите категории, кои се планираат да почнат во јуни в година, како и со добра работа на тренерите, верувам дека можеме да постигнеме добри пласмани на нашите селекции – смета Гечевски.