Времето на „чудото од дете“ допрва доаѓа

236

Првото учество во НБА-плејофот за Лука Дончиќ (20) само го потврди неговиот статус на суперѕвезда во најсилната светска кошаркарска лига и покрај елиминацијата на неговите Далас маверикс од фаворизираните Лос Анџелес клиперс со 2-4 во победи во првата рунда од Западната конференција.

Талентираниот словенечки бек го имаше најуспешното деби во плејофот според бројот на постигнати поени, со 42 во првиот меч против клиперс. А во четвртиот дуел од серијата оствари трипл-дабл (троцифрен учинок во три статистички категории) со 43 поени, 17 скока и 13 асистенции, играјќи со повреден скочен зглоб. Згора Дончиќ постигна и неверојатна тројка во последните секунди од средбата за победа на Далас. Тој прикажа и импресивно издание во синоќешниот пораз од 97-111, забележувајќи 38 поени и по девет скока и асистенции. Младиот кошаркар ја заврши серијата со клиперс со просек од 31 поен, 9,8 скока и 8,7 асистенции.

Способноста на Дончиќ претставува шанса за Далас, за влез во нова ера како конкурент за шампионскиот трофеј во НБА, и порано отколку што очекуваа познавачите на кошарката.

 – Тие веројатно се и поблиску до станување на кандидат за трофејот отколку што мислеа, само поради Лука. Тој е генерациски талент што може да носи еден клуб – истакна еден оперативец на клуб од Западната конференција.

Целта на маверикс за пласман во плејофот сезонава, се чинеше амбициозна за младиот тим во квалитетната Западна Конференција. Но предводени од Дончиќ тие го имаа најефикасниот напад во лигата, со што стигнаа без проблеми до доигрувањето, и покрај тоа што во некои мечеви испуштија големо водство, што се должеше на неискуството.

– Тој е многу мотивиран. Ја има довербата на неговиот тим. Дончиќ наоѓа начин да стигне до своите позиции на паркетот, а ги пронаоѓа и соиграчите овозможувајќи им лесни поени. Тој постигнува и тешки кошеви. Тој е одличен кошаркар – кажа ѕвездата на клиперс, Каваи Ленард.

Најголемото прашање со кое Далас ќе се соочи во пресрет на следната сезона е дали Кристапс Порзингис може да биде кошаркар од шампионски калибар што заедно со Дончиќ ќе донесе успех. Тоа ќе зависи од неговото здравје, но и од одржувањето на континуитет во поглед на неговата игра.

Не се очекуваат значителни промени во составот на Далас, со што кошаркарските експерти истакнуваат дека екипата од Тексас веројатно ќе цели кон ветерани кои би му дале цврстина и искуство на младиот тим, потпишувајќи краткорочни договори. Раководството на клубот ќе се обиде да ја засили и одбраната која беше 18-та според успешноста во НБА.

Како и да изгледа Далас следната сезона, извесно е дека времето на „чудото од дете“ допрва доаѓа во НБА.

 – Моја цел на почетокот наа секоја сезона е да го освојам првенството. Нема друга надеж – кажа неодамна Дончиќ, кој досега освојуваше трофеи со Реал Мадрид и со словенечката репрезентација.