„Волците“ го завршија долгиот пост за НБА-плејоф

251

Тринаесетгодишното чекање на Минесота тимбервулфс и на нивните навивачи за пласман во плејофот на кошаркарската НБА-лига заврши, со победата над директниот ривал Денвер нагетс од 112-106 по продолженија, на домашен терен, во последниот меч од регуларниот дел на сезоната.

Откако „волците“ последен пат учествуваа во доигрувањето, сменија осум тренери, ги разменија Кевин Гарнет и Кевин Лав, направија неколку погрешни процени при изборот на драфтот (пропуштија да го изберат Стеф Кари), а беа сведоци и на создавањето на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер, што американските медиуми го истакнаа.

Џими Батлер беше јунак на победата во која забележа 31 поен и по пет скока и асистенции, а имаше поддршка и од Карл-Ентони Таунс кој оствари учинок од 26 коша и 14 фатени топки. Импресивниот настап на Батлер добива на значај, бидејќи одигра безмалку 42 минути, и покрај тоа што неодамна се врати по операција на коленото. Кај Денвер предничеше Никола Јокиќ со 35 поени, 10 скока и три асистенции, но тој не успеа да го одведе својот тим до триумф во завршницата, во која одлично го чуваше искусниот Таж Гибсон.

Минестота во првата рунда од плејофот ќе игра против Хјустон рокетс кои го имаа најдобриот учинок во регуларниот дел од сезоната.

Плејоф-двојки

Источна конференција
Торонто – Вашингтон
Бостон – Милвоки
Филаделфија – Мајами
Кливленд – Индијана

Западна конференција
Хјустон – Минесота 
Голден Стејт – Сан Антонио
Портланд – Њу Орлеанс
Оклахома Сити – Јута