Воведено правило во НБА како во тенисот

322

Најсилната кошаркарска лига во светот НБА донесе едногласна одлука од идната сезона да се воведат две нови правила.

Првото е т.н. тренерски челинџ, како во тенисот, американскиот фудбал, хокејот, со што тренерите ќе можат еднаш во натпреварот да повикаат прегледување снимка за направени лични грешки, кому му припаѓа топката по излегување од теренот, дали имало опструкција за време на шутот на играчот или, пак, при слегувачка линија на топката кон обрачот и слично. Но за да повикаат челенџ, тренерите ќе мораат да имаат на располагање тајмаут и со прстот да гестикулираат кон судијата (вртејќи го во круг), што значи дека сакаат да има повторување на снимката.

Во случај тренерот да повика челенџ, а нема на располагање повеќе тајмаути, судиите ќе ѝ досудат техничка грешка на екипата од каде што е тренерот што побарал челенџ и нема да ја гледаат побараната снимка. Тренерскиот челенџ нема да може да биде побаран во последните две минути од мечот или во евентуалните продолженија, оти во тој период и така судиите ги прегледуваат снимките на спорните ситуации. Овој експеримент веќе успешно се користел во Летната лига во Лас Вегас.

Второто правило е центарот за прегледување снимки да може самиот да одлучи дали ќе се проверува спорна ситуација, без тоа од нив да го побараат судиите, за, на пример, дали играчот ја згазил линијата за три поени или ја испуштил топката пред истекот на времето.