Вечерва Македонија тргнува кон ново ЕП

169
Фото: Игор Бансколиев

Она што особено ме прави задоволен е што од вториот ден бевме комплетни. Успеавме да се организираме, да ги поставиме работите како што треба, нешто што сакаме да биде стил на игра на оваа нова комбинирана репрезентација, вели селекторот Тодоров, пред дуелот со Естонија (20.15 ч.), во првото коло од квалификациите за кошаркарското ЕП 2021

Македонската кошаркарска репрезентација со денешниот прв меч против Естонија (20.15 ч.), во СЦ „Борис Трајковски“, во Скопје, ги почнува квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година во Чешка, Грузија, Италија и во Германија. Во групата Б, во која е и Италија, в недела следува и натпреварот против Русија на гостински терен.
– Она што особено ме прави задоволен е што од вториот ден бевме комплетни. Успеавме да се организираме, да ги поставиме работите како што треба, нешто што сакаме да биде стил на игра на оваа нова комбинирана репрезентација. Но се јавија и мали проблеми, двајцата плејмејкери Ненад Димитријевиќ и Андреј Магдевски се пожалија на ситни повреди, а одредени играчи имаат вироза. Се надевам дека со сите ќе биде во ред и ќе можат да ни помогнат да дојдеме до посакуваната победа. Нема преголема разлика меѓу поискусните и помладите кошаркари, освен што кај помладите може да се случи да изгорат во желбата, да направат грешка. Желба ми е младиот Андреј Јакимовски да биде дел од 12-те, но тој беше најпогоден од вироза. Се надевам дека ќе биде во составот. Што се однесува до Естонците, нивните двајца најдобри играчи се и најискусни со по 30 години, но и добри шутери од далечина со реализација од 42, односно 43 отсто. Верувам дека во одреден дел од натпреварот ќе бидат и двајцата во игра, па ние се подготвувавме и за тој дел од тактиката, иако сево ова е, сепак, игра на претпоставки – изјави селекторот Александар Тодоров, кој 12-те играчи за мечот требаше да ги соопшти по вчерашниот вечерен тренинг.

Оптимист за овој натпревар е и крилниот центар Бојан Крстевски.
– Тренираме неколку дена заедно, но, сепак, доволно за да ги одработиме подготовките на тактички и на физички план. Немаме многу сознанија за играта на Естонците, но мораме да бидеме на висина на задачата, а тоа може да го постигнеме ако максимално се залагаме и ако го испочитуваме она што ќе го побара селекторот од нас – вели Крстевски.

Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) информира дека на машката сениорска репрезентација ѝ ја исплатила премијата во висина од 750.000 денари за пласманот во квалификациите за ЕП 2021, за освоеното прво место.
Од групата Б на ЕП ќе се пласираат најдобрите две селекции, плус Италија, која е еден од четирите домаќини на ЕП. Претходен пат црвено-жолтите на ЕП настапија во 2015 година, кога го освоија 19-то место, а најдобриот успех го постигнаа во 2011 година во Литванија, кога се пласираа на четвртата позиција.
Влезницата за мечот со Естонија чини 100 денари, а сите средства ќе бидат донирани во хуманитарни цели, информира КФМ.