Богатство за човекот без скок-шут

567

Бен Симонс се согласи да потпише петгодишен договор вреден 170 милиони долари со Филаделфија севентисиксерс, со што се зголемува притисокот врз талентираниот австралиски кошаркар да работи на подобрување на својот скок-шут.

Отсуството на прецизен удар од далечина се смета за најголем недостаток во играта на ѕвездата на севентисиксерс. Згора, кошаркарските експерти посчуваат дека мааната на Симонс му создава проблеми на тимот, бидејќи противничките кошаркари не мораат да го чуваат кога е надвор од рекетот. Поранешниот прв избор на драфтот минатата сезона во просек бележеше 16,9 поени, 8,8 скока и 7,7 асистенции по меч.

Перспективниот плејмејкер нема погоден шут за три поени од вкупно 17 обиди во двете одиграни сезони (11 во првата, шест во втората сезона) во НБА-лигата. Но, од Филаделфија стигнуваат информации дека Симонс напорно работи на неговиот скок-шут.

– Тој забележа голем напредок во играта. Неговиот скок-шут изгледа навистина добро. Тој има самодоверба да шутира – вели Тобајас Херис, соиграчот на Симонс.

Останува да се види дали богатиот договор ќе биде дополнителен поттик за плејмејкерот на севентисиксерс да работи на унапредување на неговата игра во пресрет на следната сезона во НБА.