Блесок на Југословените во Љубљана

666
Репрезентацијата на Југославија

ИСТОРИЈАТ НА СВЕТСКИТЕ ПРВЕНСТВА ВО КОШАРКА (4)

Годинава во Кина (31 август – 15 септември) ќе се одржи 18-то Светско првенство (СП) во кошарка. Во пресрет на овој голем спортски настан, во неколку продолженија накратко ќе се потсетиме на историјатот на мундо-баскетот

Светското првенство во 1970 година е прво што се одржало во Европа, а домаќин била Југославија. Се играло во салите „Скендерија“ (Сараево), „Грипе“ (Сплит), „Младост“ (Карловац), а квалификациската рунда во „Градски парк“ (Скопје), додека завршницата во „Тиволи“ во Љубљана, со вкупно 13 селекции. Југословенскиот селектор Ранко Жеравица и неговиот помошник, истакнатиот македонски стручњак Лазар Лечиќ, имале мошне силен состав (Крешимир Ќосиќ, Иво Данеу, Љубодраг Симоновиќ, Рато Тврдиќ, Петар Сканси, Винко Јеловац, Дамир Шолман, Никола Плечаш, Драган Капичиќ, Аљоша Жорга, Драгутин Чермак, Трајко Рајковиќ). Во составот не бил прославениот Радивој Кораќ, кој во меѓувреме го загубил животот во сообраќајна несреќа.

Во групата А во Сараево играле САД, Чехословачка, Куба и Австралија, а САД убедливо биле први, Чехословачка втора. Во групата Б во Сплит биле Бразил, Италија, Кореја и Канада, а прв бил Бразил, додека Италија втора. Во групата Ц во Карловац биле сместени СССР, Уругвај, Панама и ОАР. СССР предводен од легендарниот Сергеј Белов бил доминантен, а втор завршил Уругвај.

Финалната група се играла во Љубљана. Домаќинот тука славел над Италија со 66-63 (Ќосиќ најефикасен со 27 поени), Бразил со 80-55, Чехословака со 94-84, потоа Уругвај со 63-45. Следувал историскиот дуел со САД, кој го добиле Југословените со 70-63 и со тоа првпат го освоиле златниот медал, без разлика на последниот дуел со СССР, кој го загубиле со 82-87. Оваа победа, пак, на СССР му донела бронза, додека среброто заминало во Бразил, оти Бразилците славеле над Русија, со 66-64.
Во најдобрата петорка на шампионатот влегле Советите Сергеј Белов (МВП на СП) и Модестас Паулаускас, Крешимир Ќосиќ, Бразилецот Убиратан Переира и Американецот Кени Вашингтон. Убедливо најпрецизен бил Шин Донг Па од Јужна Кореја (32,6 поени во просек по меч).

Мундо-баскетот во 1974 се одржал во Порторико и првпат со 14 држави во три групи со по четири репрезентации. Порторико како домаќин и Југославија како актуелен шампион директно се пласирале во финалната група.
Во групата А биле СССР, Бразил, Мексико и Централноафриканската Република (ЦАР). СССР бил доминантен, а ЦАР ја совладал дури со 92 поени разлика, што е најубедлива победа во историјата, додека втор завршил Бразил. Во групата Б играле САД, Шпанија, Аргентина и Филипини. САД биле први, а понатаму заминала и Шпанија. Во групата Ц се надигрувале Куба, Канада, Чехословачка и Австралија. Во изедначени борби Куба завршила прва, а Канада втора.

Југословените, пак, го декласирале Бразил со 84-60, (Плечаш 14 поени), Куба со 101-83 (Киќановиќ 18), а во дербито и СССР со 82-79 (Киќановиќ и Белов со по 19 поени), Порторико со 91-83, Канада во продолжение со 102-99 (Киќановиќ 34). Следувал пораз од САД со 88-91 (Киќановиќ 26) и на крајот триумф над Шпанија со 79-71 (Ќосиќ 16).

Југославија, СССР и САД имале скор од шест победи и еден пораз, па за медалите решавале меѓусебните дуели и кош-разлика, а тука СССР бил најдобар и вторпат станал светски првак, а Југославија завршила втора, додека САД трети. Во идеалната петорка влегле Советите Сергеј Белов и Александар Саљников, Југословенот Винко Јеловац, Шпанецот Вејн Брабендер и Кубанецот Аљендро Ургељес. Драган Киќановиќ бил прогласен за МВП на СП, а најмногу кошеви дал Мексиканецот Артуро Гуереро (27 во просек по меч).