Блескавото и сложено наследство на Коби Брајант

949

Автор: Марк Стајн

Њујорк тајмс

Коби Брајант, кој директно од средно училиште ја започна блескавата 20-годишна кошаркарска кариера и кој со Лос Анџелес лејкерс стана една од легендите во светската кошарка, беше меѓу загинатите во вчерашната хеликоптерска несреќа која се случи на север од Лос Анџелес. Брајант имаше само 41 година. Во несреќата исто така загина и неговата 13 годишна ќерка Џиана Брајант која е втора од четирите ќерки што ги имаше со сопругата Ванеса.

Вестите за смртта на Брајант нормално предизвикаа шок во НБА која изобилува со играчи кои пораснаа гледајќи го него како освојува пет шампионати со Лејкерс и како постигнува 81 поен на еден натпревар. Тој беше грандиозна личност уште од моментот кога на 17 години заплива во професионалните кошаркарски води, со тоа што беше 13-ти избор на НБА-драфтот во 1996 година.

Како син на поранешниот НБА кошаркар Џо „Џелибин“ Брајант, Коби беше избран од Шарлот Хорнетс во име на Лејкерс и воопшто не се обиде да ја скрие својата амбиција да го надмине успехот на легендарниот Мајкл Џордан. Шарлот се согласи да го размени на драфтот за ветеранот Владе Дивац, тогашниот центар во Лос Анџелес лејкерс.

Во следните 20 сезони, Брајант 18 пати беше дел од олстар-натпреварот, во 2008 година ја доби наградата за најкорисен играч во регуларна сезона, два пати беше прогласен за МВП на финалињата во НБА и освои пет шампионски прстени. Покрај сите професионални успеси, обвинението за сексуално вознемирување од 2003 година го промени начинот на кој многумина го гледаа Брајант, иако успеа ја зачува популарноста кај обожавателите на НБА, особено во Лос Анџелес, и прерасна во синоним за единствениот тим за кој играше, и покрај барањето да биде разменет во 2007 година.

Размената со која Брајант стана дел од Лејкерс беше дело на тогашниот генерален менаџер на клубот, Џери Вест, кој не остана имун на неговата бестрашност и неверојатниот талент. Истакнувајќи се уште во средното училиште „Мерион“ во Ардмор, во близина на Филаделфија, Пенсилванија, Брајант беше на проба за лејкерс во пресрет на драфтот, изведувајќи бројни „еден на еден“ акции со четириесетгодишниот поранешен дефанзивец Мајкл Купер, кој тогаш работеше како помошник-тренер во тимот.

Во тоа време само неколку средношколци успеаја да влезат во НБА, а Брајант беше првиот на листата. Вест тогаш го напуштил тренингот по многу кратко време, и за Брајант изјавил дека видел доволно, затоа што тој „бил подобар од сите тогашни играчи во тимот“.

Како што Вест замислуваше, Брајант навистина ја врати славата на Лејкерс, иако не беше сè без драма. Прво беа трите последователни драматични шампионати во НБА со центарот Шекил О’Нил, кој има свое место во „Куќата на славните“, во сезоните 1999-2000, 2000-01 2001-02, и потоа беше неприкосновен „главен виновник“ за шампионските титули на тимот во 2008-09 и 2009-10 година. Со желбата да ги надмине успесите на Џордан и да ги замолчи критичарите кои понекогаш му замеруваа за доминацијата во поседот на топка и за изборот на шутеви, Брајант беше главна и неизоставна фигура во една од најинтересните сапунски серии во современите, професионални тимски спортови.

Пред да се пензионира од НБА во април 2016 година, по незаборавниот проштален натпревар на кој постигна 61 поен против Јута Џез, Брајант изгради неспоредливо наследство поради кое Лејкерс решија да ги повлечат броевите 8 и 24, што тој ги носеше на дресот преку 20 години. Во можеби последниот процут на Брајант, на натпреварот од последниот ден од регуларната сезона 2015-16 тој постигна 60 поени и имаше 50 упатени шутеви, со што му го украде вниманието на бранителот на титулата Голден Стејт вориорс, кој истата ноќ ги порази Мемфис гризлис за да постави рекорд за победи постигнати во една сезона, вкупно 73, покрај деветте порази.

Се очекува Брајант да биде примен во кошаркарската куќа на славните во меморијалниот центар „Нејсмит“ на крајот од август, кога ќе стекне право. Два пати беше најдобар стрелец во лигата и ја заврши кариерата со постигнати 33.643 поени во регуларниот дел од сезоната, што го стави на третата позиција на листата на најдобри стрелци во историјата на НБА, веднаш зад Карим Абдул Џабар (38.387) и Карл Малоун (36.928), се додека Ле Брон Џејмс од Лејкерс не го надмина неговиот рекорд, завчера, на натпреварот во Филаделфија.

Додека Брајант ги предводеше листите на стрелци во НБА, О’Нил го нарече амбициозниот тинејџер „фалбаџија“, но прекарот не беше ласкав. Ветераните во тимот на Лејкерс залудно сакаа да му ги ограничат почетничките амбиции на Брајант, а О’Нил особено сакаше да покаже кој е доминантен во тимот.

Но беше многу тешко да се скроти Брајант. По неколку истакнати неуспеси во плејофот, Брајант стана шампион во неговата четврта сезона и потоа се роди разорното партнерство со О’Нил, под водството на тренерот Фил Џексон.

– Ноќниот живот не го интересираше Коби. Тој имаше само еден интерес. Негов единствен фокус беше да биде најдобра верзија од себе. А за него тоа значеше дека го предизвикува Мајкл Џордан – изјави  Дел Харис, кој му беше тренер на Брајант во првите две сезони во НБА и на почетокот од третата, за „Њујорк тајмс“ во декември 2017 година.

Брајант постигна 81 поен на натпреварот против Торонто Репторс во јануари 2006 година, со што стана втор најефикасен кошаркар според бројот на поени на еден меч во НБА, веднаш зад Вилт Чемберлејн кој постигна 100 поени на натпревар во 1962 година. Но репутацијата на Брајант беше посложена од неговите признанија.
Тој беше обвинет за кривично дело сексуален напад во 2003 година, кој потекна од инцидент во еден хотел во Колорадо, поради што беше обвинет за силување на 19 годишна девојка која работела на рецепција. На крајот обвинителството го отфрли случајот кога жената што го пријави одби да сведочи. Подоцна Брајант упати јавно извинување во кое призна дека за разлика од него, жената можеби не сметала дека средбата била консензуална. Подоцна тужбата која жената ја поднесе против Брајант се реши надвор од судот.

Во крајните фази од кариерата на Брајант, далеку од деновите кога беше „фалбаџија“, тој почна да се нарекува себеси „црна мамба“ и дури „вино“. Честопати со хеликоптер одеше на натпревари во спортската арена „Стејплс“ во центарот на Лос Анџелес за да го избегне метежот по улиците што само дополнително придонесе за неговата мистичност.

Покрај репутацијата на еден од најнезапирливите кошаркари, Брајант беше познат по уникатната способност брзо да заздравува од повреди, но само повредата на ахиловата тетива успеа да го оддалечи подолго од терените на крајот од натпреварувачката сезона 2012-13. Со оглед на силната амбиција која го водеше низ кариерата, многумина се прашуваа како ќе се снајде надвор од терените, без да има каде да го насочи својот невиден натпреварувачки дух. Но Коби уживаше во пензионерските денови, па така влезе во светот на кинематографијата и освои „оскар“ откако ја претвори во анимиран краткометражен филм поемата која сам ја напиша, и воедно беше нејзин наратор („Драга, кошарко“), најавувајќи го пензионирањето. Но, тој се наврати на кошарката, поради љубовта кон спортот на неговата ќерка Џиана.

Превод: Билјана Здравковска