Барселона првпат во историјата доби капитен странец

38

Предводник на кошаркарскиот тим сега е Хрватот Томиќ, по заминувањето на Наваро,
чиј заменик досега беше токму Томиќ, кој во клубот е од 2012 година

Хрватскиот кошаркар Анте Томиќ стана првиот капитен странец во 92-годишната историја на кошаркарскиот тим на Барселона. Во оваа улога Томиќ го замени досегашниот капитен Хуан Карлос Наваро, кој замина во пензија откако клубот му соопшти дека повеќе не смета на неговите услуги.
Шпанецот за Барселона настапуваше 20 години, а Томиќ минатата сезона му беше заменик. Томиќ е член на Барселона од 2012 година, за чии редови одигра 455 натпревари што го прави и странец со најмногу натпревари за клубот. Зад него е Словенецот Еразем Лорбек со 341 настап.

– Ова е голема чест и многу сум горд на капитенската улога. Ова е голема одговорност, посебно по заминувањето на Наваро. Да се биде капитен на Барселона е нешто неверојатно – изјавил Томиќ.
Хрватот со Барселона досега има една титула во Шпанија во 2014 година, двапати го освоил шпанскиот куп, а во 2015 година и Суперкупот на Шпанија.
Кошаркарскиот тим на Барселона е создаден во 1926 година и никогаш во својата историја немала странец за капитен за разлика од фудбалската (сега, на пример, капитен е Аргентинецот Лионел Меси) и ракометната екипа (сега капитен е Шпанецот Виктор Томас).