Антиќ е новиот челник на македонската кошарка

200
Фото: Игор Бансколиев

Антиќ, кој беше и единствениот кандидат за претседател на Македонската кошаркарска федерација, беше предложен од 15 делегати од вкупно 26 што имаа право на глас, а беше избран едногласно

Македонската кошаркарска легенда Перо Антиќ е новиот претседател на Македонската кошаркарска федерација (МКФ). Тоа е епилогот по завршувањето на изборното годишно собрание на МКФ, кое се одржа во Скопје. Антиќ, кој беше и единствениот кандидат за прв човек на македонската кошарка, по откажувањето на кандидатурата на спортскиот директор на МКФ, Владимир Темелковски, а досегашниот прв човек Петар Наумовски воопшто и не се кандидира, беше предложен од 15 делегати (од вкупно 26) што имаа право на глас и беше избран едногласно.

– Чудно е чувството во новата функција, но со одличен тим, добро изградена стратегија, сите заедно постепено ќе ја вратиме кошарката таму каде што ѝ е местото. Тоа секако не може да се случи во еден ден, следува период од 15 дена на консолидација на новиот управен одбор. Приоритет секако ќе бидат младите, заживување на кошарката, враќање на навивачите на трибините, оптимизмот и македонската А-селекција да ја вратиме таму каде што била, а ако е можно и чекор погоре – изјави новиот претседател на МКФ, Петар Антиќ по завршувањето на изборното собрание на МКФ.

Антиќ во својата плодна играчка кариера досега настапувал за екипите на Работнички, АЕК, Црвена звезда, Лукоил академик, Локомотив Кубан, Спартак Санкт Петербург, а со Олимпијакос освои две, а со Фенербахче една титула во Евролигата. Тој е првиот Македонец што настапил во НБА, за екипата на Атланта хокс.

На собранието беше усвоен предлогот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) во иднина МКФ да се преименува во Кошаркарска федерација на Северна Македонија (КФСМ). 


Наумовски: Го извлековме максимумот

Сметам дека ѝ се оддолживме на оваа спортска институција и на кошарката преку нашето ангажирање и посветеност во последните четири години. Ја деблокиравме 16-годишната блокада на сметката на федерацијата, ги вративме сите долгови што во континуитет се таложеле, ја доведовме федерацијата во стабилна, сигурна, па и профитабилна организација. Кошаркарскиот дом за федерацијата е добиен од пред петнаесетина месеци, но сѐ уште го немаме добиено во владение поради имотноправни кочници и таму беше планирана целата програма за развој на младите во текот на сите 12 месеци во годината, а не само 45-60 дена пред секое европско младинско првенство. На новото раководство му посакувам успех и добри резултати во работењето. Со овие ингеренции што МКФ и раководството ги имаат, ова е максимумот – истакна Наумовски во соопштението објавено на МКФ, кој на чело на федерацијата беше од 2015 година.


Досегашни претседатели
Благоја Самакоски 1992-1993
Зоре Темелковски 1993-1997
Јордан Камчев 1997-1999
Горан Рафајловски 1999-2001
Леонид Гајдаџиев 2001-2004
Драгољуб Арсовски 2004-2005
Даниел Димевски 2005-2015
Петар Наумоски 2015-2019
Перо Антиќ 2019 –