Американскиот тим во Кина нема да биде Гуливер меѓу Лилипутанците

254
Селекторот Грег Попович се соочи со бројни откази во составувањето на тимот

Ентони Дејвис, Леброн Џејмс, Стефон Кари, Каваи Ленард и Џејмс Харден, се меѓу кошаркарските суперѕвезди кои нема да играат на претстојното Светско првенство (СП) во Кина (од 31 август до 15 септември), со што нивните откази создадоа сомнежи за моќта на американскиот тим, кој сепак, и натаму останува водечки фаворит за златниот медал.

Кемба Вокер е единствениот од сегашниот состав од 20 кошаркари на САД, кој беше член на една од идеалните НБА-петорки за минатата сезона (новиот бек на Бостон селтикс се најде во третата постава). Тој е еден од тројцата олстар-играчи во тимот, заедно со Крис Мидлтон (Милвоки бакс) и со Кајл Лаури (Торонто репторс).

Многумина затоа се прашуваат зошто големите имиња се откажуваат од играњето за американската репрезентација. Како првобитна причина за отказите се смета стравот од повреди, особено бидејќи уште е свежо сеќавањето на тешката повреда на Пол Џорџ за време на подготовките за минатото Светско првенство, кога тогашниот крилен кошаркар на Индијана пејсерс ја скрши ногата, во 2014 година.

Одговорност имаат и тимовите кои ги штитат сопствените интереси и инвестиции. Триесетте клуба сакаат играчите да им бидат здрави и одморни, особено кога во прашање е претстојната сезона, поради зголемената активност во преодниот рок. Дури 25 отсто од кошаркарите во НБА-лигата ја сменија средината летово. Дел од ѕвездите кои се откажаа од играњето на СП сакаат подобро да се прилагодат на новите тимови.

Постои и теорија според која врвните играчи се повлекуваат и поради стравот од неуспех во случај на неосвојување на златото, што носи голем срам во американската јавноост. Бекот на Портланд трејлблејзерс Си Џеј Мекалум јавно сугерираше за ваквото размислување меѓу дел од кошаркарите. Меѓу селекциите кои се спомнуваат како најсериозни ривали на САД се Србија, Шпанија, Франција и Австралија.

– Американскиот тим нема да може да се опушти и да се потпре врз имињата како што се Леброн Џејмс и Кевин Дурент. За разлика од претходните натпреварувања сега не се во ситуација да бидат Гуливер меѓу Лилипутанците – пишува британски Гардијан.

Од друга страна, ваквата ситуација може и да се согледа како почеток на нова ера за американскиот дрим-тим (Херисон Барнс и Кајл Лаури се единствените од тимот од ЛОИ 2016), со новиот селектор Грег Попович (дојде на местото на Мајк Крижевски по ЛОИ 2016) со помлад состав кој би можел да претставува дел од долгорочна стратегија. Отсуството на американските ѕвезди би можело и да го зголеми интересот за Мундијалот поради можноста за изненадување најавена во пресрет на турнирот во Кина.