Австралија победи со многу рекорди

177

На 18-то по ред Светско првенство (СП) во кошарка за мажи, кое почна во саботата, првиот фаворит за златниот медал, Србија, ја декласира Ангола со 105-59, односно со позитива од 46 коша. Ова е 11-та победа на Србија, вклучувајќи ги 10-те во подготвителниот период за СП. Богдан Богдановиќ, играчот на Сакраменто кингс, беше прв стрелец со 20 поени, за нецели 20 минути игра. Победа со иста разлика, од натпреварите што завршија од 1. коло, оствари и Италија (108-62), против Филипини, во истата група каде што е Србија. Нивното дерби е в среда.

Во групата Х, Австралија славеше над Канада со 108-92, притоа соборувајќи неколку свои досегашни рекорди. Така „кенгурите“ постигнаа 108 поени, најмногу досега во настапите на СП, играчот Џо Инглс имаше 10 асистенции, најмногу за еден Австралиец откако асистенциите станаа дел од статистиките на СП, а целата репрезентација имаше 24, што е уште еден нивен национален рекорд. Ова беше првпат Австралија да има шест играчи со 10 или повеќе поени на еден меч, по СП 1978.

На СП во Кина (рекорд според бројот на НБА-играчи, 54), кое ќе се одржува до 15 септември, првпат настапуваат рекордни 32 репрезентации, поделени во осум групи. Седум од нив се од Јужна и од Северна Америка, осум од Азија и од Океанија, пет од Африка и 12 од Европа. Најдобрите две репрезентации од секоја група ќе се пласираат во следната фаза, во која ќе бидат формирани четири нови групи, а најдобрите две репрезентации од секоја група одат во четврт-финалето. Натпреварите се играат во девет града, а завршницата е предвидено да се игра во Пекинг.