Kадетите ја враќаат вербата во македонскиот спорт

95
Кадетската кошаркарска репрезентација

Шесте победи и двата пораза на ЕП (дивизија Б) се само потврда дека оваа генерација кошаркари поседуваат голем талент и срце за успех, додека за ракометните кадети четвртото место на ЕП не значи дека тука завршува нивната приказна. Напротив, времето на Кизиќ, Костески, Серафимов, Симоноски, Џигероски и другите допрва ќе дојде

Убаво беше да се биде Македонец изминативе десет дена и да се слушаат пријатните вести што пристигнуваа од Сараево, каде што кошаркарските кадети на Македонија (до 16 години) го освоија бронзениот медал на Европското првенство (ЕП) во дивизијата Б. Убаво беше да се види и прослави еуфоријата на македонски надежи со медалите, кои гордо сјаеја на нивните гради, а кои, пак, за миг нѐ потсетија дека не е сѐ толку црно во македонската кошарка на натпреварувачки репрезентативен план.
Македонската машка ракометна репрезентација, пак, до 18 години беше блиску до успехот што го постигнаа кошаркарите, но, сепак, по поразот од Швајцарија, со 31-35, го заврши настапот на ЕХФ-шампионатот во дивизијата Б во Тбилиси, Грузија, освојувајќи го четвртото место, и со тоа пропадна надежта дека пласманот во дивизијата А ќе стане реалност, во екипниот спорт што е број еден во Македонија.

Голобрадите 16-годишни кошаркарски момчиња, предводени од селекторот Александар Јованчев, со третото место во Сараево всушност обезбедија пласман во А-дивизијата за следното ЕП, нешто што се нема случено цели 12 години, поточно вторпат една македонска младинска репрезентација успева да обезбеди пласман во повисок ранг, по онаа на генерацијата на браќата Војдан и Дамјан Стојановски и Предраг Самарџиски, кои во 2006 година настапија во финалниот дуел на ЕП до 20 години (дивизија Б), што може само да радува, особено по големиот пад на сениорската репрезентација по настапот на ЕП во Литванија (2011) и освоеното четврто место, а и другите две млади репрезентативни селекции (до 18 и 16 години) не можат да се пофалат со прогрес.

– Можеби звучеше невозможно, но, ете, се случи во Сараево да влеземе во дивизијата А. Сите одиграа над своите можности, тоа беше еден неверојатен спој на карактери, полни со дисциплина, што беше пресудно да стигнат до овој успех. Две и пол години работевме и се подготвувавме за овој момент. Ние како стручен штаб, цели 30 години со макотрпна работа и многу енергија вложени во овој проект, горди сме што оставаме ваков печат во македонската кошарка – вели Бранко Андриевски, координаторот на македонските младински кошаркарски селекции.

Шесте победи и двата пораза се само потврда дека оваа генерација кошаркари поседуваат големо срце за успех, борбеност до последната секунда на паркетот, но бестрашност против секој ривал. Иако станува збор за ЕП од дивизијата Б, сепак, бронзениот медал за македонската јавност има речиси златен сјај. Како споредба само доволно е да се потсетиме дека на исто вакво ЕП одржано годинава во Бугарија, но до 20 години, Македонија го освои 12-то место, во конкуренција на 22 екипи, забележувајќи три победи и четири победи, додека на ЕП до 18 години, одржано во Скопје годинава, жолто-црвените завршија уште послабо, на 18-то место од 24 селекции, притоа остварувајќи три победи и пет порази.

– Успехот во Сараево секако дава само почетна надеж дека за македонската кошарка доаѓаат подобри денови и дека само со ваква дисциплинирана работа полна со верба во себе, со добро натопени со пот дресови, како што тоа го сторија кадетите во Сараево, но и со макотрпен труд на организациски и стручен план во Македонската кошаркарска федерација (МКФ), може да очекуваме нови успешни резултати, а не блесокот во Сараево да биде само моментен над македонското кошаркарско небо – смета претседателот на МКФ, Петар Наумоски, кој вчера оствари средба со „бронзените“ момчиња од Сараево.

И индивидуално, македонските кошаркари блескаа на ЕП. Така, Марко Миловановиќ е дел од најдобрата петорка на ова ЕП, а наедно е и трет стрелец со вкупно 154 коша, односно 19,3 во просек по меч. Лука Савичевиќ, пак, е по вкупниот број на асистенции и според просекот е на челното место со 44 додавања за кош, односно во просек по 5,5.
Она за кое овие кадети работеа напорно две години во рамките на проектот „Заедно до м 16“, конечно доби и официјално признание – тиe се пласираа во дивизијата А.
Од ракометното ЕП за кадети во Грузија, единственото нешто што се брои од овој шампионат е првото место, а тоа ѝ припадна на „неракометната“ Италија, која во финалето со доминантна игра ја совлада Белорусија со 31-26 и обезбеди пласман на европските првенства 2020 за генерациите до 18 и 20 години.
Иако ова може да се оцени како една неуспешна мисија на македонските кадети, тоа не значи дека тука завршува приказната. Напротив, времето на Марко Кизиќ, Ненад Костески, Мартин Серафимов, Кристијан Симоноски, Дејан Џигероски и другите момчиња допрва доаѓа. Оваа генерација на ракометари следната година ќе биде домаќин на Светското првенство (СП) за кадети, која пред својата публика ќе има шанса да ги покаже и докаже своите вистински квалитети.
– Жално е што оваа талентирана генерација на ракометари не успеа да направи исчекор и да ја однесе Македонија на повисоко европско ниво на натпреварување. Жално е и за јуниорите, кои иако завршија први, ЕХФ сепак одлучи резултатите од тој шампионат да немаат влијание во пласманот во дивизијата А, туку тие од кадетскиот шампионат. Но, како и да е, ние сме ракометна земја. Нема предавање и нема застанување пред каква било пречка – смета професорот Гино Стрезовски.
Дека кадетската репрезентација на Македонија има квалитет и потенцијал зборува и фактот што десниот бек Мартин Серафимов и десното крило Ненад Костески добија место во идеалната постава на шампионатот, а исто така Серафимов го заврши турнирот како втор стрелец со 54 гола. Г.И.;Та.Д.

Ненад Костески и Мартин Серафимов (во средина) добија место во идеалниот тим на ракометниот шампионат во Грузија

Наумоски: Најголем акцент на младите категории

Видовме дека овој проект има позитивни импликации во развојот на децата, со самото тоа што дружбата на децата трае подолготрајно, за разлика од другите селекции. Најголемиот акцент го дадов на работата со младите категории затоа што се гледаше веќе тоа од многу подалеку дека работата и континуитетот со младите изостануваат во последните 15-16 години. На некој начин, вештачки се радувавме на успехот во 2011 година, затоа што мислевме дека со тој успех ќе продолжат развојот на македонската кошарка и создавањето младински играчи. Ако не се работи со нив, тие нема сами да се создадат. Почнавме со ангажмани и проекти поврзани со ФИБА, пред две и пол години. Раководството на сегашната федерација има неколкугодишно искуство со тоа. Ќе се работи за да се задржат сите деца и да не се дозволува тие да одат надвор од нашите граници. Се надевам дека сите што работат и сите што ќе работат во иднина ќе одат по ист правец и нема да погрешат, да направат отстапка од овие проекти – дециден е Наумоски.


Стрезовски: Имаме талентирани деца за ракомет

Имаме талентирани деца за ракомет, од федерацијата имаме огромна поддршка и во однос на услови за работа и учества на турнири и сѐ што е потребно. Треба само да се продолжи со работа, бидејќи оваа селекција ќе биде домаќин на СП следната година, а исто така да се формира селекција и од помладите генерации на ракометари од 2002/2003, бидејќи според моментните состојби во ЕХФ, следна на потег да ја однесе Македонија во дивизијата А ќе биде токму таа генерација – истакна Стрезовски.