Аргентинската влада прогласи тридневна жалост, а претседателот Алберто Фернандез на Твитер напиша: „Вие нѐ однесовте до највисоката точка во светот и нѐ направивте неизмерно среќни. Вие бевте најголемиот од сите. Ви благодарам што бевте со нас, Диего. Ќе ни недостигате во нашите животи“

Светот на фудбалот е посиромашен за генијот, еден од најдобрите играчи на сите времиња, Аргентинецот Диего Марадона, кој почина на 60-годишна возраст. По веста за неговата смрт луѓето почнале да излегуваат на улиците на Буенос Аирес и да го оплакуваат омилениот син на нацијата. Тие се собирале во населбата Сан Андрес, каде што живееше Диего, во Бока, каде што стана ѕвезда и во Ла Плата каде што до неодамна беше технички директор на Гимнасија и Есгрима. На метро-станиците во Буенос Аирес и на дигиталните билборди беше напишано: „Благодариме Диего“…
Аргентинската влада прогласи тридневна жалост, а претседателот Алберто Фернандез на Твитер напиша: „Вие нѐ однесовте до највисоката точка во светот и нѐ направивте неизмерно среќни. Вие бевте најголемиот од сите. Ви благодарам што бевте со нас, Диего. Ќе ни недостигате во нашите животи“.
Папата Франциск, Аргентинец и љубител на фудбалот, во молитвите ќе се сеќава на Марадона, соопшти Ватикан.
Во предградието Вила Креспо, пејачот Родриго Буено од балконот ја пеел песната „La Mano de Dios“, која се однесува на голот со рака што Марадона го постигна на мечот против Англија на Светското првенство (СП) во Мексико во 1986 година. Покрај тој погодок, кој Марадона го опиша како „божја работа“, вториот на мечот со Англија (беше 2-1), кога го предрибла речиси целиот противнички тим и постигна неверојатен гол, е прогласен за гол на векот и ја покажа неговата фудбалска генијалност.

Марадона мошне рано се истакна како посебен талент. Тој „направи име“ помагајќи ѝ на Бока да ја освои титулата во Аргентина, по што се пресели во каталонскиот гигант Барселона, на 21 година. На 25 години, практично сам, со Аргентина стана светски првак во 1986 година. Во 1987 година тој го предводеше Наполи до првата титула во италијанската Серија А, подвиг што ќе го повтори три години подоцна. Но неговиот пад веќе беше почнат. Марадона се давеше во солзи на СП 1990 откако не успеа да ја инспирира Аргентина да ја зачува титулата. Следната година му беше изречена 15-месечна забрана за играње, а од СП 1994 во САД замина откако падна на тест за допинг. Во текот на 21-годишната кариера тој постигна 346 погодоци на 679 меча. Во 2001 година, четири години по пензионирањето, Марадона ѝ се обрати на преполната „Ла Бомбониера“, стадионот на неговата Бока јуниорс: „Јас сум направил грешки и платив за тоа, но топката никогаш не беше извалкана“. 


За Марадона рекоа

  •  Еден ден, се надевам дека ќе играме фудбал заедно, горе на небото. Каква тажна вест. Загубив добар пријател, а светот загуби легенда – напиша Пеле на Твитер.
  •  Многу тажен ден за сите Аргентинци и за фудбалот. Тој нѐ напушти, но не заминува, бидејќи Диего е вечен – напиша Лионел Меси на Инстаграм.
  •  Невиден волшебник. Се збогувам со пријател и светот се збогува со вечен генијалец, еден од најдобрите досега. Тој замина прерано, но остава наследство без граници и празнина што никогаш нема да се пополни. Почивај во мир, ас. Никогаш нема да бидеш заборавен – е пораката на Кристијано Роналдо.
  • Она што Диего го направи за фудбалот, што нѐ натера да се вљубиме во оваа прекрасна игра, е уникатно. Диего ја заслужува нашата вечна благодарност – изјави претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
  •  Диего ги натера луѓето во овој град да сонуваат, тој го „купи“ Неапол со својата генијалност. Во 2017 година тој стана наш почесен граѓанин. Диего, наполитанец и Аргентинец, вие ни дадовте радост и среќа. Неапол те сака – напиша на Твитер градоначалникот на Неапол, Луиџи де Магистрис, кој повика стадионот „Сан Паоло“ да го носи името на Марадона.
  •  Има неколку неверојатни играчи во целата фудбалска историја и Марадона е еден од нив. За луѓето од нашата генерација СП 1986 беше нешто што го направи овој спорт подобар – изјави Пеп Гвардиола.