Улиците на аргентинската престолнина Буенос Аирес се претесни за обожавателите што сакаат да му кажат последно збогум на фудбалскиот ас Диего Армандо Марадона.

Ковчегот со телото на Марадона е изложен во Розовата куќа (Каса Росада), претседателската палата во срцето на аргентинскиот главен град.

Аргентинците скршени од болка ја испраќаат фудбалската легенда по тажната вест што беше објавена вчера, а се проценува дека милион луѓе ќе му оддадат почит на поранешниот фудбалер.

Збогувањето со Марадона почна во 12 часот, а голем број луѓе се собраа со часови порано за да добијат шанса да се простат од легендарниот фудбалер. Сепак, се случи и инцидент кога некои од граѓаните се судрија со полицијата во обид да ја пробијат оградата.

И обезбедувањето пред ковчегот имаше проблеми зашто некои од граѓаните сакаа да се приближат, но тоа не им е дозволено.

Насобраните обожаватели поминуваат низ Розовата куќа и се збогуваат со Марадона за што нема многу време, бидејќи луѓето може да поминат само покрај ковчегот меѓу кој има ограда.