Раководството на француски ПСЖ призна за нелегални практики од страна на некои поранешни вработени, кои класифицирале фудбалери, следени од нивна страна, по етничко потекло.

Од тимот сепак истакнаа категорично дека овие практики, откриени од „Медијапарт“, не биле усогласени со раководството на Парижаните.

Според информациите на изданието, базирани на документи од платформата „Фудбал ликс“, извидници на Пари Сен Жермен надвор од парискиот регион ги класифицирале младите фудбалери по „потекло“ како „француско“, „северноафриканско“, „карипско“, итн.

Клубот потврди дека оваа нелегална форма ја користеле извидниците меѓу 2013 и почетокот на 2018 година, но исто така додаде дека сегашниот млад тим на Пари Сен Жермен е доказ дека клубот ги проценува играчите, само по нивниот талент.

Расното профилирање во Франција е нелегално и казниво по закон.