Во извештајот на „Делојт“, за „фудбалската парична лига 2019/2020“, се наведува дека клубовите веќе претрпеле загуби од над една милијарда евра до крајот на сезоната 2019/2020, пренесува „Би-би-си“

ФУДБАЛ

Пандемијата на коронавирусот 20-те најбогати фудбалски клубови во Европа ќе ги чини над 1,7 милијарда фунти (1,9 милијарда евра) до крајот на сезонава. Во извештајот на „Делојт“, за „фудбалската парична лига 2019/2020“, се наведува дека клубовите веќе претрпеле загуби од над една милијарда евра до крајот на сезоната 2019/2020, пренесува „Би-би-си“.
Клубовите имаат значителни намалувања на приходите на денот на одигрување на натпреварите и од ТВ-правата.
Барселона генерира повеќе пари од кој било друг клуб во Европа, но, сепак, го забележа најголемиот пад на приходите во апсолутни износи, од 832,5 милиони евра на 705,5 милиони, пренесува „Би-би-си“. Потоа следува Реал, чии приходи паднаа од 750,7 милиони на 705,3 милиони, па Баерн од 653,3 на 625,6, Манчестер Ј. од 705,5 на 572,6, Ливерпул од 599,6 на 551,2, Манчестер сити (од 605,5 на 541,8), ПСЖ (од 630,6 на 533,4), Челси (од 508,7 на 463,4), Тотенхем (од 516,7 на 439,8) и Јувентус (од 455,8 на 392,6).

Падот на приходите кај клубовите се должи на пандемијата на ковид-19, која предизвика хаос во светот на спортот во поголемиот дел од 2020 година, а продолжува и во 2021-та. Тоа доведе до одложување на натпреварите во март. Клубовите претрпеа загуби од 936 милиони евра од ТВ-правата за емитување, пред сѐ поради одложувањето на сезоната 2019/2020, што значеше и одложување на приходите од тие ТВ-права во финансиската година што завршува во 2021 година, пишува „Би-би-си“.
Вкупниот пад на приходите на 20-те клуба на денот на натпреварите изнесува 256,5 милиони евра, иако има зголемување на приходите од комерцијалните зделки, за 104,6 милиони евра.
– Нема сомнение дека ова е еден од најтестирачките моменти за фудбалската индустрија досега. И покрај тоа што ниту еден фудбалски клуб не беше имун на предизвиците на ковид-19, тие во „паричната лига“ претрпеа најголеми финансиски загуби во смисла на апсолутна вредност. Безбедното враќање на гледачите на стадионите во што поголем број е еден од најголемите приоритети во глобалниот фудбал. Она што се случува на денот на натпреварите е камен-темелник на деловниот модел на еден клуб и помага да се поттикнат другите активности што носат приходи.

Отсуството на гледачи поцелосно ќе се рефлектира во „паричната лига“ следната година – вели Ден Џонс, партнер во спортската деловна групација „Делојт“.
Може ли спортот да закрепне и кога?
– Веруваме во основните вредности на врвниот фудбал за гледачите, ТВ-компаниите и комерцијалните партнери. Ние сме сигурни во отпорноста на индустријата и очекуваме таа да се врати посилна во следните години. Краткорочните амбиции веројатно ќе бидат остварливи само како среднорочни цели, откако гледачите ќе се вратат на стадионите, а ќе зависи и од тоа како ќе закрепне глобалната економија – вели Џонс, пренесе „Би-би-си“.