ФУДБАЛ

Настапот на Јан Облак на стадионот „Енфилд“ ќе го паметат и љубителите на фудбалот што не го поддржуваат Атлетико Мадрид, откако словенечкиот голман имаше 11 одбрани на дуелот со Ливерпул во меч од фудбалската Лига на шампионите, пред неколку недели. Облак е еден од најдобрите голмани, мислење поддржано и од статистиката, пишува шпанскиот дневен спортски весник „Марка“. Од неговото деби во шпанската лига во 2015 година, во кое не прими гол, тој играше 180 пати, прими 115 гола, што е просек од 0,63 по натпревар.

Од тој прв меч до февруари годинава, според статистиката на ОПТА, Облак е меѓу најдобрите во најсилните пет лиги на Европа според процентот на одбранети удари, 79,55 отсто од ударите во неговиот гол, пишува „Марка“. Облак е исто толку импресивен и во Европа. Во декември, ОПТА го смести на второто место на листата на голмани со повеќе од 20 одиграни натпревари во текот на деценијата, со 78,5 проценти на одбранети удари, веднаш зад импресивните 78,7 проценти од Петр Чех, што значи дека Облак има најдобар процент меѓу активните голмани.
Сезонава на мечот со Вилјареал во декември Облак постави клупски рекорд со 96 меча без примен гол, надминувајќи го Абел Ресино. Сега Облак има 99 натпревари на кои не се тресела неговата мрежа, а го очекува јубилејниот, стоти, кога ќе продолжи фудбалската сезона.