Аргентинецот по 21 година си заминува од клубот и сега е најбараниот играч во светскиот фудбал

ФУДБАЛ

Шпанскиот фудбалски гигант Барселона соопшти дека Лионел Меси нема да остане во клубот „поради финансиски и структурни пречки“, пишува „Би-би-си“. Меси (34) е слободен играч од 1 јули, кога му истече договорот. Тој се согласи да потпише нов, петгодишен договор со драстично намалена плата за 50 отсто, но Барселона не успеа да продаде некои играчи, како што се Филипе Кутињо, Осман Дембеле, Антоан Гризман, за да може да го плаќа Меси.
– Двете страни длабоко жалат што желбите на играчот и на клубот на крајот нема да бидат исполнети поради финансиските и структурните пречки, односно прописите на шпанската Ла лига. Барселона му изразува голема благодарност на играчот за неговиот придонес во успесите на клубот и му посакува сѐ најдобро во иднина, во личниот и во професионалниот живот – се вели во клупското соопштение.
Меси е најдобар стрелец на Барселона со 672 гола, има освоено 10 титули во Ла лига, четири во Лигата на шампионите (ЛШ) и седум „кралски купа“. „Златната топка“ за најдобар фудбалер на светот ја има освојувано рекордни шест пати. Тој отиде во Барселона, во славната академија „Ла масија“, на 13-годишна возраст, во 2000-та, од аргентинскиот Њуелс олд бојс. Сениорското деби го имаше на 16 години, во 2004 година. Одигра 778 натпревари за Барселона, постигнувајќи 672 гола, од кои 120 во ЛШ (втор е зад Кристијано Роналдо) и рекордни 474 гола во Ла лига. Тој во шест наврати ја освои европската „златна копачка“ за најдобар стрелец на континентот.


По овој неочекуван развој на настаните, Аргентинецот стана најбараниот и најпосакуван играч во светскиот фудбал. Како први опции за негов нов клуб се спомнуваат ПСЖ и Манчестер сити. Друга опција за него е играње фудбал во САД, во МЛС-лигата.