Клубовите од петте најквалитетни фудбалски лиги во Европа (Англија, Шпанија, Германија, Италија и Франција) учествувале со 71,8 отсто од трансферите во јануарскиот преоден рок, објави Светската фудбалска асоцијација (ФИФА). Севкупно, тимовите од петте „големи лиги“ во јануари потрошиле 824,6 милиони долари, втор преоден рок според потрошени пари, по јануари 2018 година, кога се „свртеа“ 1,01 милијарда долари.

Јануарски преоден рок имаше во рекордни 170 земји, период во кој беа направени вкупно 4.108 меѓународни трансфери, соопштува ФИФА.
Клубовите од петте „големи лиги“ учествуваа само со 14,1 отсто од вкупниот број на трансфери, но сумите што тие ги ставија во оптек изнесуваа 71,8 отсто од вкупно потрошените пари.

Клубовите во Англија потрошиле најмногу пари за трансфери, 298,2 милиони долари. Потоа следуваат Германија (206,1 милиони) и Италија (126,7 милиони долари).
Меѓу најскапите трансфери зимава беа на Бруно Фернандеш, кој отиде во Манчестер јунајтед од Спортинг Лисабон за 55 милиони евра, и на младиот норвешки напаѓач Ерлинг Халанд (19), кој отиде во бундеслигашот Борусија Дортмунд од Салцбург за околу 30 милиони евра.