За четири години со 137-те постигнати голови за Ливерпул, Салах одамна ги поби сите претпоставки дека е „чудо за една сезона“. Тој има повеќе удари кон противничкиот гол по натпревар од кога било порано во кариерата. Од претендентите за титулата „најдобар на светот“, стапката на голови и асистенции го ставаат Салах заедно во друштво со Левандовски, Бензема и со Холанд во однос на неверојатната конзистентност. Исто така, важно е кога постигнува гол. Како и сите вистински великани, тој има тенденција да го резервира најдоброто за елитните противници…

Кога ќе ставите идеален играч во совршено опкружување и што ќе работи под водство на исклучителен тренер, можете да го разберете извонредниот подем на Египќанецот Мохамед Салах, моментно веројатно најдобриот фудбалер на светот, се истакнува во написот на британски „Телеграф“, кој ги анализира предизвиците што требаше да ги надмине Салах за да го реализира големиот потенцијал. Салах пристигна во Ливерпул во 2017 година, од Рома, а претходно имаше кратка епизода во Премиер-лигата, во Челси. Но има една битна епизода што е поврзана со првото финале во Лигата на шампионите (ЛШ) за него, против Реал Мадрид (1-3) во Киев во 2018 година. Еден ден пред финалето, на прес-конференцијата, Серхио Рамос беше прашан дали дебитантската сезона на Салах на „Енфилд“ со постигнатите 44 гола го става на истиот пиедестал како Кристијано Роналдо или Лионел Меси: „Не можете да споредувате други играчи со Роналдо и со Меси. Тие се во друга орбита. Има играчи што се во мода, оние што доаѓаат и си одат и други што остануваат наоколу“, одговори Рамос.
Тој беше во право, статус на играч од светска класа не може да се заслужи по само една брилијантна сезона. Но четири години подоцна и со 137-те постигнати голови за Ливерпул, Салах одамна ги поби сите претпоставки дека е „чудо за една сезона“. Кога пристигна од Рома во Ливерпул, немаше најави дека ќе биде природен голгетерски наследник на Иан Раш, на Роџер Хант или на Роби Фаулер, иако во Италија работеше со стручен тренер на тоа како да ги искористи шансите создадени со неговата брзина. Но во Ливерпул планот радикално се промени по неколку тренинзи. „Левото крило“ се пресели десно од каде што можеше да влегува навнатре.

– Тој во Рома, каде што имаше многу доминантен напаѓач како Един Џеко, играше повеќе на крилните позиции. Не знаевме точно дали е способен да игра во средината од нападот. Никој не можеше да знае – објаснува менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп.
Во моментов, Салах постигнува погодоци со поголема брзина отколку во сезоната кога даде 44 гола. Во 2021/2022 на секои 80 минути, а во 2017/2018 на 94 минути. Тој има повеќе удари кон противничкиот гол по натпревар од кога било порано во кариерата. Никој не може да ги засени бројките на Меси и на Роналдо од сезона на сезона. Но од претендентите за титулата „најдобар на светот“, стапката на голови и асистенции го ставаат Салах заедно во друштво со Роберт Левандовски, Карим Бензема и Ерлинг Холанд во однос на неверојатната конзистентност. Головите, пак, што ги постигнува, особено неодамнешните против Манчестер сити и Вотфорд, може да се споредуваат со некои на Меси. Исто така, важно е кога постигнува гол. Како и сите вистински великани, тој има тенденција да го резервира најдоброто за елитните противници. Во натпреварите против тимовите од т.н. голема шесторка во Англија, Салах постигна 32 гола на 63 натпревари, плус 10 асистенции. Тоа значи гол секои 159 минути. Кога ќе се има предвид фактот дека тој веќе е најдобар стрелец на Ливерпул во ЛШ, станува јасно дека е човек за големи натпревари. Општо земено, креативноста на Салах сезонава достигна нови височини, односно во просек тој создава 2,34 шанси по натпревар. Донесувањето на одлуките е одраз на неговата поголема зрелост и искуство.
Помошникот на Клоп, Петер Кравиц, ја фали „страста“ на Салах за играта во одбраната, но основата на тоа е првенствено физиолошка. За добрата физичка состојба на Салах се грижат Андреас Корнмаер, кој дојде од Баерн, и клупскиот нутриционист Мона Немер. Салах е познат и по својата професионалност. Тој пристигнува рано на тренинг и во фитнес-центарот, а некои во Ливерпул се шегуваат дека неговиот автомобил секогаш е на паркингот на тренинг-центарот. Тој им е посветен на тренинзите за мобилност, за сила и за закрепнување, а ретко пропушта натпревар, само седум од 160-те натпревари во Премиер-лигата откако му се приклучи на Ливерпул.

Зошто не успеа во Челси е за дебата. Поранешниот соиграч Филипе Луис има своја теорија.
– Кога замина во Фиорентина, му реков: „Зошто одиш? Ова е Челси“. Тој ми рече: „Треба да играм“. Си помислив: „Ова момче е добро“. Никогаш не одеше за пари или за да освои повеќе трофеи, отиде за да покаже дека може да игра. На тренинзите беше како Меси. Навистина, како Меси. Прашајте кој било – вели Луис.
На незаборавниот реванш-меч Ливерпул – Барселона (4-0) во полуфиналето на ЛШ на „Енфилд“ во мај 2019 година, Салах, кој не играше поради повреда, носеше маица на која пишуваше „Никогаш не откажувај се“. Тоа е фраза што може да се примени и на неговата животна приказна. Тој никогаш не ја загуби желбата за докажување, а тоа помага при објаснувањето за неговата мотивација да се врати во Премиер-лигата. Со големото славење кога постигна гол за Фиорентина против Тотенхем во Лига Европа (ЛЕ) во 2015 година Салах сакаше да ѝ покаже на Англија што може да направи. Можеби и поради тоа го избра Ливерпул, кој сакаше да го ангажира и во 2014 година.
Останува да се реши уште прашањето со продолжувањето на договорот, што му истекува на крајот од следната сезона. Ливерпул сака Салах да остане и е охрабрен од последните коментари дека се надева оти кариерата ќе ја заврши во клубот. Засега, навивачите на Ливерпул на „Енфилд“ и англискиот фудбал треба да уживаат во она што го имаат.