Во натпреварувањата на ФИФА неодамнешните демонстрации на играчи на натпреварите во Бундес-лигата би заслужиле аплауз, а не казна. Сите мора да кажеме не за расизмот и за каква било форма на дискриминација. Мораме да му кажеме не на насилството, на секоја форма на насилство, изјави претседателот на ФИФА, Инфантино

Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, изјави дека фудбалерите во Бундес-лигата, кои покажаа солидарност со Џорџ Флојд минатиот викенд, заслужуваат „аплаузи, не казна“, објави „Асошијтед прес“ (АП). Смртта на Флојд предизвика протести во САД и низ светот. Играчите на Борусија Дортмунд, Џејдон Санчо и Ахраф Хакими на маичките под дресовите имаа испишана порака „Правда за Џорџ Флојд“, при прославата на головите на мечот против Падерборн. Слична порака имаше и фудбалерот на Шалке, Вестон Мекени, а напаѓачот на Борусија М., Маркус Турам, клекна на едно колено откако постигна гол против Унион Берлин.
Санчо доби жолт картон затоа што го соблече дресот, а Хакими, Мекени и Турам не беа казнети. Германската фудбалска асоцијација соопшти дека ќе ги испита инцидентите за да се види дали се неопходни санкции. ФИФА вели дека организаторите на натпреварувањата мора „да го имаат предвид контекстот за настаните“ пред да одлучуваат.

– Во натпреварувањата на ФИФА неодамнешните демонстрации на играчи на натпреварите во Бундес-лигата би заслужиле аплауз, а не казна. Сите мора да кажеме не за расизмот и за каква било форма на дискриминација. Мораме да му кажеме не на насилството, на секоја форма на насилство – изјави Инфантино за интернет-страницата на ФИФА.
Во Англија, Фудбалската асоцијација посочи дека фудбалерите нема да се соочат со суспензија. Ливерпул, Челси и Њукасл на социјалните мрежи објавија слики на играчите што клекнуваат во знак солидарност, пишува АП.
Според правилата на фудбалската игра, забранети се „какви било политички, верски или лични пароли, изјави или фотографии“ на опремата.

– Фудбалот е спорт што поттикнува толеранција, вклученост и правда. Тоа се вредностите што ги поддржуваат оние што покажуваат солидарност кон Џорџ Флојд. Ако некој играч на нашите натпреварувања преку порака или симболично побара еднаквост меѓу човечките суштества, околностите во врска со тоа треба да се имаат предвид, во согласност со нултата толеранција на УЕФА против расизмот – ја пренесе АП изјавата на претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин.