Контроверзниот грчки бизнисмен Иван Савидис на прославата за титулата на ПАОК

Предводени од грчкиот милијардер со руско потекло Иван Савидис (60), десетици илјади навивачи на солунскиот фудбалски клуб ПАОК ја прославија титулата во националната лига, која доаѓа по дури 34 години чекање. Контроверзниот сопственик пред повеќе од една година го привлече вниманието на светската јавност и се „прослави“, кога влезе на терен со вооружен со пиштол, за да се спротистави на судиска одлука, со што беше издаден налог за негово апсење, констатираат од „Нешнл хералд“.

По овие навистина необични настани, Иван Савидис, кој, наводно, има блиски врски со премиерот и лидер на СИРИЗА Алексис Ципрас, доби забрана да присуствува на сите натпревари на неговиот ПАОК, и сè уште нема објаснување зошто уште е на слобода.

Минатиот викенд кога и математички неговиот тим ја осигури титулата во грчкото првенство, тој стоеше пред навивачите во вториот по големина град во Грција и ја славеше победата во лигата во која долго време постоеа сомненија дека се местат натпревари од страна на сопственикот на антински Олимпијакос, кој потоа и се соочи со судење поради овие наводи.

Во една од најеуфоричните прослави која се случила во Солун, со стотина факели и различни видови на пиротехнички средства, навивачите на ПАОК по победата од 5-0 против Левадијакос ја сублимираа нивната одлична сезона.

Според „Нешнл хералд“, на навивачите воопшто не им е важно што Савидис се обидел да влијае врз владината политика, или поради тоа што влегол на терен со пиштол на неговиот ремен, ситуација поради која неговиот клуб доби сериозни казни. Сосема спротивно, навивачите на солунскиот клуб скандираа „Иван, извади го пиштолот“.

Савидис контролира голем дел од второто најголемо пристаниште во земјата, го трансформираше ПАОК носејќи го вистинска насока, и силно се потпре на економијата во северна Грција. Навивачите го скандираа неговото име додека тој се движеше низ пиротехничкиот спектакл на прославната церемонија, без полицијата да има намера да се обиде да го уапси, иако има отворен налог за тоа.

Тој го презема ПАОК во 2012 година и го извлече од сериозната финансиска криза, ги исплати долговите и создаде тим со вредност од 63 милиони евра, екипа вредна колку онаа на Олимпијакос, кој со години доминираше во лигата.

Милијардерскиот статус Савидис го стекнал во јужна Русија преку бизниси во земјоделството. Савидис максимално ги искористил аутсајдерскиот статус на ПАОК во борбата за титулата, како и поширокото незадоволство во градот, момент кој се смета дека оние што носат одлуки во Атина, сосема го занемариле.

– Ние ги поставивме темелите за што се надевам дека ќе биде почеток на големи успеси. Ќе ги оставиме тие во Атина да размислуваат со чиста глава што направиле за да не направат посилни – рече Савидис, иако со преведувач, поради тоа што тој сè уште не зборува грчки.

Во последната деценија, Савидис инвестираше во повеќе бизниси во северна Грција, некои на раб на пропаст, како и во телевизиски станици и весници кои генерално ја подржуваат СИРИЗА.

– Изгледа дека тој лесно може да се движи меѓу спротиставените интереси, користејќи го своето богатство и конекции, и покрај тоа што не зборува грчки јазик. Тој се појавува како фигура во сенката како во шпионските филмови, изгледа шармантно, купува и продава и крои планови со Русија – констатираат од грчкиот весник на англиски јазик за медиумскиот пазар во Северна Америка.

Престижниот „Њујорк тајмс“ напиша текст во кој се следат неговите способности за одржување односи со луѓето во врвот на политичката и бизнис-сферата, и често да го добива тоа што го сака. Како за пример може да се земе добивањето на поддршка од страна на грчката влада за поддржување на простувањето на долгови на неговата компанија за цигари.

Западните сојузници на Грција сугерираа дека Савидис има блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин, а претходно беше член на рускиот Парламент пред да ги започне бизнисите во Грција.