Најновото истражување покажува дека кај одбранбените играчи постои пет пати поголема веројатност да имаат деменција во споредба со општата популација

Постои поголема веројатност дефанзивните фудбалери да страдаат од деменција во подоцнежните години од животот во споредба со другите позиции на теренот, се вели во најновото истражување.
Во 2019 година, една студија на професорот Вили Стјуарт покажа дека кај поранешните фудбалери постои околу три и пол пати поголема веројатност да умрат од невродегенеративни заболувања на мозокот отколку општата популација. Но неговото најново истражување вели дека ризикот е најголем кај одбранбените играчи, кај кои има пет пати поголема веројатност да имаат деменција отколку оние што не се фудбалери. Тоа е трипати поголем ризик за напаѓачите и речиси никаков ризик за голманите во споредба со општата популација. Кај играчите од средниот ред веројатноста да имаат мозочни заболувања, како што е деменцијата, е четири пати поголема.
Истражувањето на Универзитетот во Глазгов, финансирано од Фудбалската асоцијација (ФА), синдикатот на играчи при Здружението на професионални фудбалери, исто така откри дека ризикот се зголемува колку што е подолга фудбалската кариера на играчот.
Авторот на студијата и консултант невропатолог, д-р Стјуарт, вели дека е време фудбалот да го елиминира ризикот од удирањето на топката со глава.
– Мислам дека фудбалските топки треба да се продаваат со предупредување за опасноста по здравјето. На нив треба да стои дека повтореното удирање на топката со глава може да доведе до зголемен ризик од деменција. За разлика од другите деменции и дегенеративни заболувања, каде што немаме идеја што ги предизвикува, ние го знаеме факторот на ризик во фудбалот. Можеме да го спречиме тоа, треба да ги намалиме, ако не и да ги елиминираме непотребните удари на топката со глава. Сѐ уште немам видено докази дека удирањето топка со глава е добро за некого. Фудбалот е одличен, има помалку рак и кардиоваскуларни проблеми за играчите, но има страшни нивоа на деменција – истакнува тој.

Истражувањето доаѓа една недела откако англискиот фудбал објави препораки со кои се ограничуваат ударите на топката со глава за професионалните и за аматерските играчи на тренинзите. Од следната сезона професионалните играчи ќе бидат ограничени на десет удари со глава со „поголема сила“ на тренинзите при корнери или слободни удари, додека за аматерите таквите удари треба да бидат ограничени на десет неделно. Но, Стјуарт е критичен кон тие упатства, велејќи дека се базираат на „ненаучни претпоставки“.
– Нема основа да се каже дека десет удари нужно ќе направат голема разлика во ризикот. ФА ги заснова препораките по анализа на натпреварите, процени и потоа тоа го искористи за насоките за тренинг. Тоа е како да стоите на работ на автопат, да ја погодувате брзината на автомобилите и да разговарате за мерките за сообраќајот во градот. Тоа не е целосно релевантно. За да процениме дали десет удари може да направат разлика, треба да почекаме 30-40 години – вели д-р Стјуарт, додавајќи дека во истражувањето биле користени податоци од здравствената евиденција за околу 8.000 шкотски поранешни професионални фудбалери, кои биле споредени со 23.000 мажи од општата популација.