ФУДБАЛ

Возбуден сум, благодарност до целата македонска јавност. Дваесет години го носев овој свет дрес, тоа беше посебна чест за мене, гордост. Среќен сум што вака, на едно големо натпреварување, ја завршив репрезентативната кариера, вели Пандев, кој за репрезентацијата на Македонија одигра 122 меча

Горан Пандев (37), фудбалска легенда, идол и инспиратор на повеќе генерации млади играчи, по 20 години, 122 одиграни натпревари и 38 постигнати гола, се прости од репрезентацијата на Македонија. Подобро репрезентативно фудбалско збогум Пандев и не можеше да замисли и да си посака. На Европското првенство (ЕП) на кое Македонија ја одведе токму Пандев со голот во баражот против Грузија (1-0) во ноември лани. Згора на тоа повторно тој беше стрелец на првиот, историски гол за Македонија на ЕП, на првиот натпревар со Австрија.

– Возбуден сум, благодарност до целата македонска јавност. Дваесет години го носев овој свет дрес, тоа беше посебна чест за мене, гордост. Среќен сум што вака, на едно големо натпреварување, ја завршив репрезентативната кариера. Тоа беше сон за мене, па и за сите Македонци. Мислам дека одигравме добро на ова првенство, но немавме доволно искуство за вакви натпревари. Но ова е големо искуство за мене и за помладите фудбалери. Мислам дека е време да се повлечам, така се чувствувам, тоа е моја конечна одлука. Ќе навивам за овие момци, верувам дека оваа генерација ќе избори пласман на СП 2022. Срцето ми е полно, посебно чувство е кога се игра за репрезентацијата, не е исто како играњето за клуб. Благодарност до сите селектори, до колегите фудбалери, доктори, масери, до сите со кои играв и соработував во минатите 20 години – рече Пандев.

Зад Пандев се 122 натпревари во црвено-жолтиот дрес, многу победи, радости, но и многу порази, лоши моменти, кои кулминираа со повлекувањето. За среќа, се премисли пред шест години, се врати повторно во репрезентацијата и го реализира фудбалскиот сон. Дебито на Пандев во дресот на Македонија беше на мечот со Турција (3-3) во квалификациите за СП 2002, на 6 јуни 2001 година во Бурса. „Нозете ми се тресеа пред да влезам во игра во 66. минута. Тој прв меч не се заборава“, вели Пандев.

Селектор на Македонија на тој натпревар беше Ѓоре Јовановски, поранешен истакнат фудбалер на Вардар, потоа и успешен тренер во повеќе македонски и странски клубови.

– Она што е битно е тоа дека тој не е само голем фудбалер туку е и голем човек, пример за сите генерации македонски фудбалери, посебно за помладите. Тој, заедно со селекторот Игор Ангеловски, беше клучниот обединувачки фактор во оваа репрезентација, беше вистински лидер и многу ќе недостига – вели Јовановски.
Првите фудбалски чекори, Пандев ги направи во родната Струмица, во Беласица, на рана возраст. Во првиот тим дебитира како тинејџер, за набргу да се пресели во Италија, каде што во минатите две децении со успех настапуваше за повеќе клубови, за Лацио, Интер, Наполи, а во моментов за Џенова.

„Ти си одличен фудбалер и неверојатна личност. Целиот фудбалски свет ти аплаудира. Ти си легенда и се надевам дека ќе поминеме уште некое време заедно во соблекувалната и на теренот“, напиша на Твитер Доменико Кришито, соиграчот на Пандев во Џенова, во една од големиот број пораки упатени до Пандев, по мечот со Холандија, од играчи, љубители на фудбалот, тренери, медиуми…

Врвот на клупски план го достигна во 2010 година кога со Интер, предводен од тренерот Жозе Мурињо, стана европски првак, победувајќи го во финалето Баерн, со 2-0. Пандев досега одигра 437 меча во Серија А и постигна 101 гол.


Дрес на Холандија со бројот 122

При напуштањето на теренот во 68. минута, на прошталниот натпревар со Холандија во третото коло на Европското првенство, Горан Пандев беше поздравен со овации на арената „Јохан Кројф“ во Амстердам. Македонските репрезентативци, пак, со аплауз во знак на почит го испратија од теренот. Пред почетокот на мечот капитенот на „лалињата“, Џорџинио Вајналдум, на Пандев му подари дрес на Холандија со неговото име и со бројот 122 на грбот, според бројот на мечеви за Македонија.

Првпат
Првиот официјален меч за Македонија, Горан Пандев го одигра на 6 јуни 2001 година, на гости кај Турција (3-3) во квалификациите за фудбалското Светско првенство (СП) во 2002 година. Првиот гол за Македонија го постигна на 21 август 2002 година, со Малта, во Скопје, во пријателски натпревар (за 5-0), а првиот погодок на квалификациски натпревар го постигна на 18 август 2004 година, со Ерменија, во Скопје, во квалификациите за СП 2006 (за 1-0).

Голмани
Од 38-те гола за фудбалската репрезентација на Македонија, Горан Пандев по еднаш ги совлада и, на пример, Едвин ван дер Сар (Холандија, Ајакс, Манчестер јунајтед…), Мартин Стекеленбург (Холандија, Ајакс, Рома…), Петр Чех (Чешка, Челси, Арсенал…), Крег Гордон (Шкотска, Сандерленд, Селтик…), Пепе Реина (Шпанија, Барселона, Ливерпул…), Каспер Шмајхел (Данска, Лестер…), Марк-Андре тер Штеген (Германија, Борусија М, Барселона…) итн.

Голови
Вкупно 38-те гола, Горан Пандев ги постигна на 32 меча, против 26 фудбалски репрезентации, од нив 22 се постигнати во првите полувремиња и 16 во вторите. На шест меча постигна по два гола, и тоа со Ерменија, Канада, Белорусија, Катар, Луксембург и со Шпанија. Четири од 38-те гола се од пенал, и тоа два на средбите со Канада и по еден на мечевите со Ерменија и со Холандија.

Мечеви
Од 122-та меча на Горан Пандев за репрезентацијата на Македонија, 41 се во квалификации за фудбалските светски првенства, 40 во пријателски дуели, 29 во квалификациите за европските првенства, девет во Лигата на нациите и три на Европското првенство 2020. Од тие настапи, на повеќе од половината средби бил капитен.