Во фудбалот никогаш не се знае ништо, сѐ може да се промени за еден ден

65

Мојот фокус моментно е само на Ајакс. Но во фудбалот никогаш не се знае ништо. Манчестер јунајтед е голем клуб со одлични навивачи. Но ќе повторам, мојот комплетен фокус е на Ајакс и веќе ги планираме работите за новата сезона, вели Тен Хаг

ЕРИК ТЕН ХАГ, ТРЕНЕР НА АЈАКС И КАНДИДАТ ЗА МЕНАЏЕР НА МАНЧЕСТЕР Ј.

Ерик тен Хаг (52) го опиша Манчестер јунајтед како „голем клуб“ и вели дека се надева оти Ајакс ќе ги почитува неговите желби доколку реши да замине во потрага по нов фудбалски предизвик. Тен Хаг веќе разговараше со Јунајтед и се смета за главен кандидат за нов менаџер на клубот, пишува весникот „Телеграф“. Тен Хаг, кој со Ајакс е пред освојување трета двојна круна, трофеи во лигата и во купот (претходно лани и во сезоната 2018/2019), првпат се осврна на моментната ситуација во интервјуто за германската ТВ Спорт 1.
– Мојот фокус моментно е само на Ајакс. Но во фудбалот никогаш не се знае ништо. Во моментов сум во Ајакс и до финалето на холандскиот куп против ПСВ Ајндховен ни остануваат уште осум финалиња во првенството, па потребна ми е целата енергија за тоа. Сѐ друго само би ми го одвлекувало вниманието. Знам дека сѐ во фудбалот може да се промени за еден ден. Ако во одреден момент треба да го направам следниот чекор, се надевам дека луѓето тука ќе разберат. Сите се познаваат во оваа професија. Секогаш има разговори со претставници на други клубови, тоа е нормално. Манчестер јунајтед е голем клуб со одлични навивачи. Но ќе повторам, мојот комплетен фокус е на Ајакс и веќе ги планираме работите за новата сезона. Со Ајакс разговаравме по секоја сезона, така ќе биде и овој пат. Можам да кажам дека Ајакс и јас сме многу среќни во моментов – рече Тен Хаг.
Еден човек што верува дека Јунајтед би направил паметен потег ако го назначи Тен Хаг за нов менаџер е Пеп Гвардиола од ривалскиот Манчестер сити, кој работеше со него во Баерн, кога Холанѓанецот беше задолжен за резервите на Баварците. Поради восхитувањето на Гвардиола од Тен Хаг, чии интереси ги застапуваат неговиот брат Пере и холандскиот агент Кес Вос, тој верува дека сегашниот тренер на Ајакс ги има сите квалитети за да го наследи на „Етихад“.

– Ме прашувате дали Тен Хаг би можел да биде тука? Дефинитивно. Многумина би можеле да работат тука и мислам дека тој би можел да биде еден од нив. Според начинот на кој им пристапува на мечевите – изјави Гвардиола.
Но и покрај високиот рејтинг на Тен Хаг, Гвардиола признава дека нема гаранции за успех на „Олд Трафорд“ или во Премиер-лигата.
– Тоа е предизвикот, да го правиш она во што веруваш. Тоа се обидов да го направам во Барселона и во Минхен и кога дојдов во Сити. Да се докажам и во други земји. Тој ги тера играчите да играат, нема сомнеж во тоа. Нашиот однос беше добар, особено кога зборувавме за фудбалот и за вториот тим, за играчите, тој беше исклучителен. Да бев 100 отсто сигурен, би се јавил во Јунајтед и би им кажал: „Момци, мора да го земете“, но никогаш не се знае. Во минатите години тие имаа брилијантни менаџери. Откако си замина Алекс Фергусон, не може да се каже дека Дејвид Мојс не е добар менаџер. Или Луј ван Гал или Жозе Мурињо. Сите менаџери што беа во Јунајтед се одлични – вели Гвардиола.
Тој вели дека во Баерн бил сведок на вниманието што Тен Хаг им го посветува на деталите.
– Редовно комунициравме, тој е неверојатна личност, бев изненаден колку беше скромен. Што се однесува до неговите тренерски квалитети, само погледнете го неговиот тим Ајакс во претходните години. Уживање е да се гледа. На многу натпревари, не само во годината кога стигнаа до полуфиналето на Лигата на шампионите и кога за малку не стигнаа до финалето – рече Гвардиола.
Ван Гал, селекторот на Холандија и поранешен менаџер на Јунајтед, минатата недела го предупреди својот сонародник да не ја презема работата на „Олд Трафорд“, тврдејќи дека приоритет за клубот е заработката наместо фудбалот. Но привремениот менаџер на Јунајтед, Ралф Рангник, ги отфрли тие тврдења и рече дека проблемите на клубот откако се пензионира Фергусон во 2013 година главно биле поврзани со погрешни трансфери на играчи.
– На крајот сѐ се сведува околу трансферите, за тоа да се ангажираат вистински фудбалери во вистинско време, а не погрешни играчи во погрешно време. Во фудбалот тоа е мошне лесно, станува збор за тоа какви фудбалери ви се потребни, каков фудбал ќе играте, а потоа да се доведе најдобриот можен менаџер што ќе се вклопи во сето тоа – вели Рангник.


Мекларен: Тактички е извонреден

Англичанецот Стив Мекларен, кому Ерик тен Хаг му беше асистент во Твенте во 2008 година, вели дека немало да преживее во Првата лига на Холандија без помошта на младиот тренер. Не станува збор само за прецизното планирање, се потсетува Мекларен, туку и неговата способност да ги анализира мечевите во реално време и да препорача замени што ќе имаат влијание.
– Морам да седам на трибината за да ги анализирам мечевите, но тој може да го направи тоа покрај аут-линијата и веднаш да направи промени. Неговите најголеми квалитети не се само во вниманието на деталите и организацијата. Тој има јасна филозофија за тоа како сака да игра фудбал, за атмосферата во клубот што сака да ја создаде. Тактички тој е извонреден. Работеше со Пеп Гвардиола во Баерн и ја прифати и неговата филозофија. Таму го викаа „Мини Пеп“. Тој е подготвен. Многу врвни клубови во Германија и во Англија ќе сакаат да го ангажираат – вели Мекларен.