Ливерпул користи врвни компјутерски алгоритми што откриваат ризик од повреда и препорачуваат превентивно дејство. Платформата анализира сеопфатни информации за играчите од мечеви и од тренинзи, биометриски податоци за нивната сила, спиењето, за флексибилноста, за нивоата на стрес, за да создаде сигнали за ризик и за практични интервенции. „Фудбалот е преполн со податоци и ако можете да извлечете подлабока вредност од тие податоци, тогаш можете да бидете во предност“, вели Браун, главен извршен директор и основач на компанијата за вештачка интелигенција „Зона7“

ФУДБАЛ

Секогаш велам дека ние по малку сме како криминални детективи, вели Андреас Шлумбергер, шефот на Одделот за закрепнување и перформанси на англискиот фудбалски премиерлигаш Ливерпул.
Креиран од компанијата за вештачка интелигенција „Зона7“, со седиште во Силиконската долина во Калифорнија (САД), Ливерпул користи врвни компјутерски алгоритми што откриваат ризик од повреда и препорачуваат превентивно дејство. Сето тоа помага да се објасни зошто менаџерот Јирген Клоп избра да ротира девет клучни играчи во победата над Саутемптон (2-1) во вторникот, по само три дена и 120 минути игра во освојувањето на ФА-купот. Можеби тоа помага да се објасни и како Ливерпул го намали бројот на повредени играчи сезонава за повеќе од една третина (според „Премиер-повреди“, компанија што ги анализира повредите во најсилната лига во Англија, Ливерпул досега загуби 1.008 дена поради повреди, во споредба со повеќе од 1.500 во сезоната 2020/2021, а суштинските повреди, кои траат повеќе од девет дена, се речиси преполовени, од 1.409 на 841) и ги задржа извонредните нивоа на игри на 61 меч, пишува британскиот весник „Телеграф“. За ова партнерство не се знаеше многу до скоро, како и за одлуката на Ливерпул да продолжи со употребата на платформата за уште две сезони.
Ливерпул ја користи технологијата на „Зона7“ од почетокот на сезонава. Платформата анализира сеопфатни информации за играчите, вклучувајќи и податоци од натпреварите и од тренинзите, како и биометриски податоци за нивната сила, спиењето, за флексибилноста, за нивоата на стрес, за да создадат сигнали за ризик и за практични интервенции, сето тоа насочено кон подобрување на перформансите и на намалување на стапките на повреди. Тие информации потоа се доставуваат до клучните носители на одлуки во клубот, менаџерот, лекарите, медицинскиот персонал и задолжените за спортски науки.

– Фудбалот е преполн со податоци и ако можете да извлечете подлабока вредност од тие податоци, тогаш можете да бидете во предност. Ова веќе многу се користи при идентификација на талентите, а сега почнува да се случува во мерењето и обидите да се оптимизираат благосостојбата и перформансите на играчите – вели Тал Браун, главен извршен директор и основач на „Зона7“.
Во потрагата за идентификување шеми што би можеле да бидат пропуштени при човечка анализа, алгоритамот обезбедува информации на различни нивоа, од фудбалот како спорт до тимовите и играчите. Дизајниран е постојано да се ажурира и подобрува со нови податоци.
– Софтверот може да симулира оптимални сценарија од ден на ден, играчите да се стремат кон својот максимум, а ризикот од повреди е минимизиран. Понекогаш ризикот може да значи намалување на обемот на работа, помалку трчање од специфичен тип. Понекогаш играчот може да биде недоволно подготвен и тогаш е потребна дополнителна работа – вели Браун.
Централно место во филозофијата на „Зона7“ беше да се вработат и луѓе со искуство во професионалниот фудбал за да советуваат и да помогнат да се доставуваат информациите на начин што е практичен и достапен.
– Тоа се ветерани од Премиер-лигата, не се само неколку луѓе од Силиконската долина што трчаат наоколу со табели. Долг беше процесот на создавање адаптации со кои софтверот стана употреблив во фудбалската средина – вели Браун.
Во времето на првите забрани поради ковид-19 во 2020 година, „Зона7“ еволуира до точка каде што веруваа дека нивните системи можат да откријат 70 проценти од повредите седум дена пред да се случат. Тие конкретно ја истакнаа корелацијата помеѓу оптоварувањето на натпреварите и повредите, нагласувајќи го зголемениот ризик од играње шест меча за 30 дена. Браун не може да зборува за конкретните наоди за ниту еден клуб и нагласува дека „нема сигурност“, но открива некои фасцинантни сознанија.

– Откривме кај сите тимови дека во околу една третина од случаите ризикот од повреда е поради недоволно тренирање, а не од претренирање – вели тој.
Факторите на животната средина, како што се патувањето и спиењето, дали тимот престојувал во хотел веднаш по натпреварот, се области што даваат сѐ повпечатливи резултати. „Зона7“, исто така, работи со тимови во НБА и во НФЛ, дозволувајќи им на нивните системи да идентификуваат трендови што може да бидат различни или заеднички за различни спортови.
– Алгоритамот е добар како и податоците, колку повеќе примери, толку подобар ќе стане – вели Браун.
Сајмон Брандиш, кој работи како спортски научник консултант за различни клубови и играчи, верува дека промената на пристапот стана многу очигледна на почетокот од сезоната. Август и септември се период во кој ротацијата е минимална, но Ливерпул веќе имаше во просек речиси четири замени по меч.
– Клоп ја разбира спортската наука, ги користи информациите и има навистина колаборативен тим. Тој разви стратегија, планирана во текот на сезоната, а потоа намерно и проактивно ротира, така што играчите имаат специфичен хроничен напор – вели Брандиш.


Софтверот не е семоќен

Тал Браун постојано ја нагласува пошироката човечка експертиза.
– Ливерпул го користи најдоброто од најдобрите, во однос на податоците, спортската медицина и персоналот. Тоа е многу деликатен, добро осмислен процес. „Зона7“ не е магичен софтвер. Помага со некои податоци, но има многу повеќе работи што не ги гледа и не ги сфаќа, како што е расположението на играчите, нивната состојба, тактичките потреби на денот. На крајот на краиштата, човечките експерти се тие што го водат шоуто. Тоа е човечкиот допир што ги прави тие податоци корисни и употребливи – вели тој.